Бубевски за обвинетите во „Труст“: Свесно влегле во криминал и сега ќе мораат да ги вратат тие 17 милиони евра

Специјалниот јавен обвинител, Гаврил Бубевски, кој го застапува обвинението во предметот „Труст“, по денешната главна расправа изјави дека обвинителството има двајца сведоци кои гo потврдуваат она што го тврдат материјалните докази

-Но во материјалните докази е суштината на процесот. Затоа што се работи за јавна набавка, невистинитоста на документацијата е есенцијата на ова кривично дело. Законодавецот на тој начин ја штити конкуренцијата и не дозволува со невистинита документација да дојдеш до работа која тие велат дека ја сработиле. Нема сработување на нешто до кое што си дошол без валидна документација, ризикот е твој, сам знаеш дека влегуваш на криминален начин и ако те фатат после ќе си ги вратиш тие 17 милиони – рече Бубевски.

Според јавниот обвинител, обвинетите со фалсификувана документација добиле тендер во вредност од 17 милиони евра, за ископ на јаглен и јаловина.

-Целокупната постапка на добивање тендери со поднесување фалсификувана документација, ја прави самата постапка ништовна. Со тоа сите средства добиени од таа јавна набавка претставуваат против правна имотна корист. Немам дилема дека сите 17 милиони евра се против правна имотна корист за правните лица дел од конзорциумот – додаде тој.

Бубовски посочи дека постапката ќе се прошири и на функционери чии имиња беа спомнати во бомбите, доколку се појават нови докази, но дека за сега нема докази кои ги инволвираат во кривичното дело.

-Доколку се дојде до одредени заклучоци дека има инволвирани други лица кои и прогледале низ прсти на документација, тогаш секако постапката ќе биде и против тие лица. За сега такви докази не сме обезбедиле освен она што го тврдат бомбите. Дали лицата знаеле дека ова е невистината документација ние се уште не можеме да тврдиме – рече јавниот обвинител.