Педесеттина возила заглавени во снег: Македонија пат, фатете се за лопатите!

by fokus

Околу педесеттина автомобили денес со часови стоеле на превојот Буково, помеѓу Ресен и Охрид, заглавени во снегот, кој целосно го покрил патот. Помеѓу нив билa и фолк пејачката Татијана Стефановска, која поминала цели два часа во автомобилот, чекајќи да се овозможат услови за движење.

-По цели два часа на студ, едвам тргнавме, се движиме во прва брзина. Вистинска драма од обичен снег! Неверојатно е ова што се случува секоја зима на патиштата во Македонија, а уште поневеројатно е тоа што Македонија пат секогаш е наводно изненадена од снегот, посебно во јануари, февруари…

Тргнав од Битола кон Охрид, провејуваше по малку снег. Но кога стигнавме на Буково, затекнавме хаос! Очигледно дека снегот не беше исчистен од претходниот ден. Се заглавија два шлепери, зад нив се направи цела колона, над 50 автомобили. Чекавме околу два часа додека да се реши проблемот. Дојде возило за расчистување на снегот, но за несреќа, или пак поради нечија неодговорност, никој немаше сајла, за да се тргнат заглавените шлепери. Се најде некако и сајла од заглавените возачи, едвам се придвижи колоната. Срам голем! Во зима да те изненадува снег, тоа е навистина невидено. Во некои од автомобилите имаше и деца, премрзнаа. Апелирам до надлежните веќе да се поведе ред околу работата на Македонија пат! – револтирано ни раскажа Стефановска.

Дознаваме дека од СВР Охрид го стопирале сообраќајот на Буково, додека се расчистувал снегот околу шлеперите. Сега повторно бил пуштен во функција.

Вики Клинчарова

Поврзани новости