Бетонска плоча (1989-2017)

Верувам дека политичката судбина на ВМРО-ДПМНЕ е целосно завршена. Останува само пред барокната зграда да се изѕида мала и дискретна бетонската плоча и на неа да се напише ВМРО-ДПМНЕ (1989-2017)

Пишува: Владимир ЛАЗАРЕВИЌ

Кога во јануари 2015 година ја гледав прес конференцијата на Груевски, на која изнесе таков нелогичен спој на глупости и небулози за наводни напади врз државата од странски служби, бев убеден дека ова е крај. И тоа каков мизерен крај ли ќе биде, си помислив.

Ниту во еден момент не можев да замислам дека раководните луѓе кои седат покрај Груевски ќе си дозволат да продолжи да ги води една целосно некритична личност.

Додека јас бев црвсто уверен дека барем на некои членови од раководството ќе им биде срам на улица да се прошетаат, поголемиот дел од нив останаа на власт уште речиси година ипол. Голем дел од нив беа оркестратори и помагачи на немилите сцени за рушење на уставниот поредок на 27 април во Собранието?

Се докажа дека целосно ја имав потценето лудоста и стравот на целата таа структура. Разбирливо, штом раководството не беше во можност да се справи со некритичниот и целосно параноиден лидер, уште помалку можеше да се очекува неговите подржувачи тоа да го сторат.

Требаше да поминат речиси 3 години, за граѓаните, и пред се членовите на ВМРО-ДПМНЕ, да им удрат бетонска плоча од глава на Никола анд компани кои останаа да го бранат како затечени во берлински бункер.

Но, сега откако Никола е засегогаш политички забетониран 100 метра под земја, што може и дали воопшто нешто може да направи членството на ВМРО-ДПМНЕ? Мое длабоко мислење е дека таква можност е сведена на нула.

Јас не верувам дека членство на една толку голема партија кое со години останува слепо на целосното лудило кое нѐ опкружува е во состојба денес да изнајде сили и да воскресене како Феникс од пепелта.

Јас верувам дека политичката судбина на ВМРО-ДПМНЕ како политичка партија е целосно завршена. Останува само пред барокната зграда да се изѕида мала и дискретна бетонската плоча и на неа да се напише ВМРО-ДПМНЕ (1989-2017).

Како немил спомен кој ќе се развлекува како психоделичен локум ќе останат уште да се довршат безбројните судски процеси кои ќе ги откриваат криминалите и безумијата кои ги има активно реализирано раководството на оваа партија, а пасивно и преќутно подржувано и поширокото членство.

Зошто го мислам ова? Додека во 2015 година пишував и јавно зборував за индивидуална одговорност, денес без никаква дилема и со сигурност покрај за индивидуална, треба да говориме и за колективната одговорност на еден политички субјект.

Зошто? Затоа што индивидуалната одговорност најлесно се крие позади завесата на колективизмот. Ако од после откривањето на бомбите во 2015 до вчера позади членството на ВМРО-ДПМНЕ се криеа криминалите на раководството, денес ќе продолжат да се кријат и манипулираат резултатите од изборите. Со таа континуирана манипулација колективот му овозможува на индивидуалниот криминал да вирее и понатаму да се расплодува. Тоа е недопустиво и не смее да помине.

Што, сепак, може да направи еден заведен член поддржувач на криминално коруптивна политичка структура во распаѓање? Првото што го направи се изборите резултати на 15 и 29 октомври 2017 година. Браво за тоа!

Второ што треба да направи заведениот член е да се јави на најмалку 10 свои сопартиции, и сите заедно и сложно да побараат отпис од членство на партијата и да ги фрлат членските книшки. Оваа акција треба да биде масовна и целосно подржана од сите прореформско настроени струи кои гравитираат околу ВМРО-ДПМНЕ.

Трето, заведените членови кои до вчера собирале по 10 и повеќе души да гласаат за ВМРО-ДПМНЕ треба да им се јават на сите кои ги завеле за да им се извинат поради тоа што ги натерале да гласаат или на било кој начин влијаеле врз нив да ја поддржат партијата. Ова последна иницијатива е пожелно да биде проширена и надградена со акција посета врата на врата, „Почитувани комшии, сограѓани ви се извинуваме!!!„

Откако ќе се реализираат овие иницијативи, треба да се отвори прашањето што ќе се случува понатаму. На Македонија секогаш ќе и треба конзервативна граѓанска опција која ќе негува традиционални вредности, проткаени со силна поддршка на приватна иницијативи, ниски даноци и граѓанска одговорност.

Како ќе се вика таа партија и дали ќе порасне како нова, воопшто не е важно. Она што е важно е дека граѓаните докажаа дека можат да ги треснат и закопаат политичарите со бетонска плоча. Треба да докажат и дека можат да изградат нова свежа десна политичка сила од темел.

Октомври 30, 2017