АРХИВА Шема на фиктивни вработувања во здравството

by Fokus

Текстот е објавен на 25 октомври, 2013 година во неделникот „Фокус“ во бројот 942

Пишувала Ирена МУЛАЧКА

Во време кога повеќе од 800 лекари-специјалисти си заминуваат од скопските клиники и болници, првиот човек во здравството, Никола Тодоров, од петни жили се обидува да ја скрие реалната слика. Па, наместо да се соочи со вистината, тој секојдневно излегува со нови идеи како да ги пополни испразнетите лекарски столчиња.

Само во последната година, како што се намалуваше бројот на специјалистички кадри во земјава, така се зголемуваше бројот на конкурси и огласи за вработување. Меѓу нив беше и огласот за враќање на лекарите од приватното во јавното здравство, како и повикот на министерот сите лекари што работат во странство да се вратат во својата родна земја и да продолжат со работа тука.

Пред да навлеземе во деталите на оваа тема, ќе се навратиме неколку месеци наназад, за време на локалните избори, кога актуелна беше аферата „Пустец“. Во тој период опозиционерите обвинија дека владејачката партија со 2.000 фиктивни гласачи од Мала Преспа, Албанија, сака да ги фалсификува локалните избори во Центар со цел да ја задржи општинската власт. Тие тврдеа дека во еден стан има пријавено и по 60 лица кои треба да гласаат за градоначалник на најурбаната скопска општина.

Сепак, во овој број нема да зборуваме за фиктивните гласачи од Пустец, туку за фиктивните вработувања во здравството, а потсетувањето на оваа афера ни беше само краток вовед во темата. Сепак, нели, се работи за медицински „Пустец“!

Покрај сите партиски кадри, кои на почетокот на годината влегоа во клиниките и болниците, министерот Тодоров сѐ уште манипулира со јавноста дека лекарите не си одат, а згора на сѐ, дури ја убедува дека дел од нив се враќаат назад на работа поради добрите услови, новата медицинска опрема и високите плати. Дали неуспешната операција со фиктивните гласачи во Општина Центар е успешна операција на вработувања во здравството?

 ШЕМА НА ФИКТИВНИ ВРАБОТУВАЊА ВО ЗДРАВСТВОТО

Секогаш главен адут на партијата на власт за собирање гласови пред изборите се вработувањата. Во таа шема не изостана и здравствениот сектор. Само на почетокот на годината беа вработени околу 200 специјалисти, сите партиски кадри, потоа беа најавени уште 800 нови, а пред само еден месец околу 80 лекари од приватното се вратија во јавното здравство. Така барем најави министерот Никола Тодоров. Но, сепак, кога ќе се согледа реалната слика, повеќето од болниците немаат доволно кадар за работа и покрај сите досегашни вработувања.

Наша цел на истражување во овој број е преземањето на специјалисти од приватното во јавното здравство. На кој начин, како се изведува и со која цел? „Фокус“ располага со имињата и презимињата на специјалистите, имињата на приватните ординации, што ги отвориле лекарите или во кои работеле по неколку месеци, како и болниците во кои сега почнале со работа. Во целата фама со враќањето на белите мантили во јавните здравствени установи полека почнува да се одмотува клопчето и вистината да излегува на виделина.

Според наши информации, дел од лекарите што веќе почнале со работа во клиниките и болниците, претходно имале само неколку месеци работен стаж. Сѐ со цел да се поклопи приказната дека специјалистите веќе работеле во приватни установи. Нашите извори тврдат дека дел од нив за првпат во својата кариера почнуваат да работат, што значи дека немаат никакво работно искуство.

За целата шема со фиктивните вработувања да биде поверодостојна, специјалистите најпрвин регистрираат фирми, отвораат свои приватни ординации и по само неколку месеци ги затвораат. Нели сѐ мора да биде „согласно Законот и Уставот“. Кога ќе се проверат тие информации, во прв момент не може да се забележи некаков законски трик.

Нашите болнички извори велат дека за да не се пробие лесно шемата, дел од лекарите се вработуваат во приватни болници, исто така на неколку месеци. По објавувањето на огласот на ресорното Министерство, се префрлаат на работа во клиниките и во болниците во градовите од каде што доаѓаат: Скопје, Гевгелија, Гостивар, Струмица, Кавадарци и Делчево.

„Фокус“ располага и со списокот на лекари кои завршиле студии во Бугарија и по истата шема се вработиле. И за нив тоа е прво работно искуство. Според нашите извори, заедничко за дел од лекарите е тоа што се членови или симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ, а дел од нив имале и потпретседателски функции во партијата. „Фокус“ одлучи јавно да не ги соопштува имињата на специјалистите.

Сепак, ова не се однесува на сите лекари кои се вратија од приватното во јавното здравство. Некои од нив имаат 20-годишно работно искуство, а потоа одлучиле според народната „сам свој газда“ да отворат свои приватни ординации. Откако не успеале, повторно се враќаат во старото гнездо. Од тие 80 лекари што веќе почнаа со работа, по специјалност најмногу има интернисти, гинеколози, кожни лекари, психијатри и анестезиолози.

ОРОВЧАНЕЦ: НЕ ПОСТОЈАТ ВРАБОТУВАЊА БЕЗ МАНИПУЛАЦИИ

Во досегашната историја на македонското здравство првпат се случува вакви „проекти“ за вработување да поминат на мала врата, без никаква врева. Никој не крена глас да се побуни или да побара отчет – што се случува и на кој начин се изведува целиот процес? Барем да излезеа и јавно да прашаа.

Оваа тема во последнава година ја следат скандалозните изјави на министерот за здравство Никола Тодоров, кој откако беше обвинет од опозиционерите дека вработува само партиски кадри, без трошка срам одговори:

Што сум јас виновен кога сите добри лекари се од партијата ВМРО- ДПМНЕ?  – истакна пред неколку месеци Министерот.

Во лекарската фела секојдневно кружат шпекулации, се прават анализи кој лекар од каде дошол, каде студирал, колку работно искуство има и, нормално, на која политичка партија ѝ припаѓа?

Дел од специјалистите велат дека не ја спорат работата на новите лекари и дека не се против какви било вработувања. Тие се само револтирани од начинот на кој се манипулира со нив и со јавноста.

– Ова е срамота што се случува. Знам дека со овие префрлања од приватно во јавно здравство се бара начин да се пополни бројот на специјалистите кои досега си заминаа. Тоа е огромна бројка. Се случува за време на операција да немаме доволен број на анестезиолози, што е страшно. Го лажат народот како што сакаат. Половина од тие специјалисти, кои ги кажуваат дека се префрлиле, немаат ден работен стаж. Страшно. Вака ли ќе ги лекуваме болните? – истакна лекар, кој сакаше да остане анонимен.

Според информации на „Фокус“, сите „префрлени“ специјалисти веќе почнале со работа. Повеќето од нив почнале на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување, потоа во Градската болница „8 Септември“, во Здравствен дом „Скопје“, како и во општите болници низ земјава.

Поранешниот министер за здравство Ѓорѓи Оровчанец вели дека е запознаен со ваквата шема на фиктивни вработувања во здравството, но дека тоа воопшто не го изненадува.

– Кај оваа власт нема вработување без манипулации. Тие можат да прават што сакаат и никој од јавноста не може да има увид во тоа. Знам дека се спремни сѐ да направат, така што ништо не ме изненадува. Лесно е да манипулираш дека лекарите се враќаат, ама треба да кажеш дека дел од нив за првпат почнуваат со работа и дека воопшто не работеле приватно. Страшно во целата приказна е тоа што, покрај сите што си отидоа досега, допрва ќе има заминување на врвни стручњаци од јавните здравствени установи. Кој знае што тогаш ќе измислат? – тврди доктор Оровчанец.

Пред две недели „Фокус“ испрати неколку прашања до ресорното Министерство, но до затворањето на весникот повратен одговор од таму не добивме.

Според наши информации, дел од волонтерите по клиниките и болниците низ внатрешноста на земјава, кои со години работат за плати од 4.000 денари, воопшто не се нашле на ниту еден од списоците за вработување.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Поврзани новости