Министерот Таравари беше дел од штрајкот на лекарите во 2012 година против плаќањето по успешност, кој Тодоров судски го забрани

by Fokus

Министерот за здравство Арбен Таравари во интервју за „Фокус“ вели дека тој бил дел од штрајкот на лекарите во 2012 година, кога лекарите-специјалисти повеќе од 50 дена протестираа против проектот плаќање по успешност што им го наметнаа екс премиерот Никола Груевски и тогашниот министер Никола Тодоров.

– Редовно одев на протестите, за да го кренам својот глас против проектот кој го доуништи јавното здравство. Внесе незадоволство меѓу лекарите и нарушени меѓучовечки односи. Јас мислам дека и тие лекари што не излегуваа на протестите, даваа поддршка за негово укинување. Сметам дека треба да постои некој вид корекција на работата на лекарите, но не по учинок и не како овој проект што се наметна, и покрај противењето на здравствените работници – тврди Таравари.

Според него, лекарите имаат свое уставно право да имаат толку плата, колку што им следува.

– Ние немаме никакво право од еден лекар да скратиме, за да наградиме друг, бидејќи на тој начин се нарушуваат меѓучовечките односи. Морам да нагласам дека плаќањето по учинок оди во историјата, а ќе изнајдеме коефициент кој ќе функционира во секоја работна организација и на тој начин ќе се следи, кој доктор колку сработил, па така директорот ќе има можност да наградува пет до седум лекари, во зависност од буџетот со кој располага – додава Таравари.

И.М.

Поврзани новости