Ако победат ќе ги признаат резултатите, ако изгубат нема!

by fokus

Иако најавија бојкот на одлуката на Управниот суд и рекоа дека нема да учествуваат во прегласувањето во Теарце, ВМРО-ДПМНЕ денеска излезе да порача дека не се плаши, бидејќи и таму ќе победеле.

-СДСМ се обидува со некои прегласувања да изманипулираат или да создатат услови за фалсификување на волјата на народот, но ВМРО-ДПМНЕ е сигурна дека и народот во Теарце без разлика на нашиот политички став е позрел од Заев и ќе го победи и таму каде што треба да се прегласува, изјави денеска на прес-конференција Антонио Милошоски.

Од неговата изјава останува нејасно дали партијата се пишмани и сепак ќе оди на прегласување, или калкулира, за по објавувањето на резултатите, во случај да се соочи со пораз, да се наврати на старата изјава дека ова е „фалсификување на волјата на народот”.

Инаку, прегласувањето во Теарце в недела, е важно затоа што можно е да направи пресврт во изборите. Во ова тетовско село, на денот на изборите ВМРО-ДПМНЕ освоила победа со само четири гласа пред СДСМ. На ниво на шеста изборна единица пак, разликата меѓу двете партии е 307 гласа. Прегласувањето може да со смени изборниот реултат, па од 51 пратеник за ВМРО-ДПМНЕ и 49 за СДСМ, да биде нерешено, односно 50:50.

И.К.

Поврзани новости