Кабинетот на Иванов негира дека му дозволиле на Живаљевиќ да присуствува во Собранието

by fokus

Кабинетот на претседателот Ѓорге Иванов реагираше на изјавата на српскиот разузнавач Горан Живаљевиќ дека оттаму добил дозвола да присуствува во Собранието за време на нападот на 27 април и соопшти дека македонските служби не побарале услуги од него.

Како што велат од Кабинетот на Иванов, Живаљевиќ по завршување на дејствијата и активностите во Собранието, испратил пораки до лица вработени во институциите, меѓу кои и посочениот советник (Синиша Алексовски, н.з.), дека бил во Собранието со цел да обезбеди алиби и да ја намали одговорноста за своето постапување.

„Кабинетот на Претседателот не е надлежен ниту овластен да дава дозвола за престој и одобрение за активности на странски преставници и дипломати во Собранието на Република Македонија. Изјавата на господинот Живаљевиќ е спротивна на фактите. Македонските служби не побарале услуги од него“, соопшти вечерва Кабинетот на Иванов.

Претходно вечерва, Живаљевиќ кажа дека за неговото присуство во Собранието на 27 април добил дозвола од Кабинетот на претседателот Ѓорге Иванов, демантирајќи ги тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ дека не добил дозвола од македонските институции да влезе во парламентот за време на организираниот напад.

Живаљевиќ рече дека добил одобрување за присуство од советникот за безбедност на Иванов, Синиша Алексовски, кој ја знаел причината за неговото присуство во Собранието и за тоа бил известен.

Поврзани новости