Заев на 8-мо мартовски марш: Заедно можеме!

by fokus

Премиерот Зоран Заев денеска со стотици жени беше дел од 8-мо мартовскиот марш, организиран по мотото Заедно можеме. Со љубов за Македонија!

-Создадовме едно цело, сите, и жени и мажи, Македонци, Албанци, Турци, Срби, Роми, Власи, Бошњаци, други – едно општество за сите. Општество на кое му се потребни различностите, затоа што такво е успешно, така може да се надминува и развива себеси.

Денешниот Марш е ДА за жената, за нејзините општествени, граѓански, социјални и политички права и НЕ за обесправеноста и насилството врз жената во семејството и на работните места. Од секое ДА и секое НЕ треба да ги извлечеме сите неопходни поуки, и да кажеме и жената и мажот имаат еден исти заеднички именител, а тоа е зборот ЧОВЕК!

Давам поддршка, охрабрувам и барам: Направете место за жената во општеството! Како поединци, државни институции, општини, активирајте се и покренете ги сите потребни процеси: одлуки, промени на закон, придонес кон трансформацијата на јавната свест.

Жените се неопходни во сите процеси што ги отворивме во општеството, и како наставнички и негувателки, и професорки, лекарки, медицински сестри, работнички, бизнисменки, и како земјоделки, судијки, новинарки, градоначалнички, и министерки, домаќинки, и како ангажирани во јавниот и општествен живот, затоа што основната клетка на едно општество е семејството.

Жените мора да ги добијат правата што им следуваат по Устав и закон и согласно демократските и светски стандарди. Македонија не може и не смее да заглибува повеќе во калта. Време е да го фатиме последниот воз кон светот што напредува. Заедно можеме! Со љубов за Македонија!, вели Заев.

Поврзани новости