Вечерва, по полноќ, повторно се уапсени дел од обвинетите за насилството што се случи на 27 април во Собранието, иако пред само еден ден со одлука на Врховниот суд беа пуштени од затворски притвор, неофицијално дознава „Фокус“, од доброупатени извори.
Ваквиот чекор следува по денешното подигање на обвинение од страна на Обвинителството за организиран криминал и корупција, со кое повторно се побара продолжување на мерките притвор и куќен притвор. Обвинителството соопшти дека 28 лица се обвинети за „Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“, а двајца се гонат за „Помагање“, за истото кривично дело, за што е предвидена најмала затворска казна од 10 години.
Пред само еден ден, пак, Врховниот суд одлучувајќи по жалби поднесени од тогаш осомничените, реши за дел да ги укине мерките притвор и куќен притвор. Па така од затвор излегоа екс министерот за внатрешни работи Митко Чавков, пратениците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Крсто Мукоски и Сашо Василевски кои добија мерката куќен притвор.
-За осомничените К.М., С.В., М.Ч., М.П., Д.Л., Г.Ѓ., О.П. и М.П. мерката притвор се заменува со мерка куќен притвор. Осомничените З.С., Г.А., И.С., В.Т. и В.М. остануваат во притвор. За осомничените Љ.Д., Ј.Т., Е.Д.Б. и И.Д. за кои била определена мерка куќен притвор, истата се укинува и се определуваат мерки на претпазливост да се јавуваат еднаш неделно во основниот суд на чија територија имаат живеалиште. За осомничените С.М., М.М. и С.М. мерката куќен притвор останува, соопшти Врховниот суд.