Зошто не се гради ветерниот парк кај Штип: „Алказар ги финализира разговорите со банките и договорите за набавка“

by irena 13:25
13:25

Компанијата „Алказар енерџи“, која требаше да го гради најголемиот ветерен парк со капацитет од околу 400 мегавати на делови од територијата на општините Штип, Карбинци и Радовиш, сѐ уште не ги започнала градежните работи на терен.

По шпекулациите дека „Алказар Енерџи“ ќе крене раце од инвестицијата во ветропаркот, „Фокус“ се обрати до компанијата зошто нема градежните активности и оттаму одговорот е дека треба да се завршат одредени подготвителни активности.

„Изградбата на проект од ваков обем бара да се завршат одредени подготвителни активности, а тие напредуваат добро. Ова вклучува, но не е ограничено, финализирање на разговорите со финансиските институции и потпишување на клучните договори за набавка. Овие чекори имаат за цел да обезбедат градежните работи да се изведуваат според предвидената временска рамка, земајќи ги предвид специфичните услови на локацијата“, велат од „Алказар Енерџи“.

Оттаму велат дека подготвителните активности се во завршна фаза, а „поевидентни активности на терен се планирани за раната пролет во согласност со сезонските и временските услови“.

Инаку, паркот со ветерници ќе се простира на површина од 326 хектари, ќе има 54 генератори на ветерни турбини, кои преку новоизградена трафостаница годишно ќе произведуваат над 860 гигават-часови електрична енергија и ќе влегува во националната енергетска мрежа.

Ќе се постават 80 километри подземни кабли и ќе се реконструираат старите патишта и ќе се изградат нови за потребите на ветропаркот во вкупна должина од 68 километри и приближно седум километри 400-ватен далековод, кој ќе ја поврзува трафостаницата со електричната мрежа.

Фазата на изградба треба да трае приближно 3 години, а оперативната фаза ќе почне со поврзување на ветерниците со националната мрежа.

Ветерниците ќе се изградат на земјиште од 5 и 6 категорија за кое инвеститорот ќе треба да плаќа долготраен закуп за кој сѐ уште не е утврдена цена, барем за земјиштето што го поседуваат државата или општините.

Компанијата инвеститор поседува план за земјиштето на тромеѓето меѓу општините Штип, Карбинци и Радовиш, според кој, најголем дел од земјата е државна, а само мал дел е во приватна сопственост.

За предметното градежно земјиште од 345 хектари нема постапка за концесија, тврдат од владата.

Владата и Министерството за транспорт и врски не можат да дадат точна процентуалност во однос на сопственоста на земјиштето затоа што „барателот, правото на градење го докажал врз основа на Изјава за регулирање на имотно правните односи до Употребна дозвола на градбата“.

„Фокус“ дојде и до Планската програма за изработка на Урбанистички план за градби од државно значење за изградба на ветерен парк со капацитет над 10 мегавати во Општина Штип, Радовиш и Карбинци, која ја нарача „Инвалл Мак ДООЕЛ Скопје“, а е одобрена од Министерството за транспорт и врски.

Анализата на катастарските парцели во овие три општини, кои се детално наведени во Планската програма на Урбанистичкиот план кои се зафатени од ветерниците, покажа дека во најголем дел, над 90 проценти се работи за државно земјиште, вклучувајќи градежно земјиште, пасишта, ливади и шуми, а само мал дел е во приватна сопственост. Во приватна сопственост се некои стари куќи, дворови и ниви.

На страницата на Катастар на РСМ, владата, односно државата е сè уште сопственик на парцелите врз кои ќе се градат ветерниците. Оттука се поставува прашањето врз основа на што инвеститорот почнал да гради, ако нема свое земјиште или, пак, не склучил договор со владата за закуп?

За да додели владата земјиште за ветерен парк, мора да биде објавен јавен повик и да има електронско наддавање, а единствен исклучок преку склучување договор со непосредна спогодба е дозволен ако се работи за голема инвестиција над 100 милиони евра.

Во случајов, се работи за инвестиција тешка 500 милиони евра и во таков случај треба да се примени Законот за стратешки инвестиции за кој одлучува Собранието на РСМ.

Компанијата ќе гради на истата локација и врз основа на почнат проект од 2009 година на шпанската компанија „Инвал“, кој никогаш не беше реализиран. Единствената новина е што, наместо тогашните 60, сега ќе се инсталираат 54 ветерници поради тоа што турбините сега имаат различна технологија и се пошироки.

Инвестицијата во Македонија предизвика бројни реакции во јавноста затоа што, освен тоа што ќе се вложат 450 милиони евра во ветерници и ќе се остварат 630 вработувања во градежниот сектор додека трае изградбата, владата не откри дали Македонија ќе добие евтина електрична енергија.

Освен приходите од данокот на добивка, не е јасно колку ќе заработи земјава од инвестицијата од закупот на државното земјиште во следните 30 години и дали Македонија ќе добива поевтина електрична енергија од оние ветерници.

„Алказар енерџи“ е, всушност, независен одржлив фонд со седиште во Луксембург и тим советници стационирани во Дубаи. Основан е во 2014 година и во своето портфолио наведува дека за четири години станал најголем инвеститор во проекти за обновливи извори во регионот на Блискиот Исток и Северна Африка.

Најголеми инвеститори во „Алказар енерџи“ се државните банки и инвестициски фондови на САД, Германија, Франција, Холандија, Кина и Австрија. Заеднички именител на сите инвеститори што ги анализира „Фокус“ е вложувањето во енергија од обновливи извори во земјите во развој, како Македонија, Србија и Црна Гора.Фондот привлекол 8 големи инвеститори, како што е американската меѓународна финансиска корпорација за развој (DFC). Оваа корпорација е, всушност, државна финансиска институција на Белата куќа, која вложува во приватниот сектор, посебно во проекти што ги трансформираат земјите во развој на Балканот и на Блискиот Исток.

Орце Костов

Слични вести