Пишува: Денко МАЛЕСКИ
35 години независност – сеќавања на првиот министер за надворешни работи на Република Македонија
Првата сесија на Конференцијата за Југославија беше закажана за 7 септември 1991 година. Во разговор со претседателот Глигоров, во август истата година, заклучивме дека е потребен документ во кој ќе ја дефинираме меѓународната позиција на Македонија и нашиот иден статус во југословенската заедница. Претседателот предложи тоа да биде Меморандум, по углед на тие што ги имаа Словенија и Хрватска, како наша легитимација на претстојната Конференција за Југославија, организирана од ЕЗ, под претседателство на лорд Питер Карингтон. Без увид во текстовите на Словенците и на Хрватите, текстот на Меморандумот го напишав во мојот скопски стан, во поткровје во кое тие вечери температурата не се спушташе под 30 Целзиусови степени, бидејќи клими немаше во земјава. Се сеќавам, пишувајќи, со едно око следев по нешто од свеченото отворање на Струшките вечери на поезијата, во присуство на премиерот и членови на владата, завидувајќи им на струшката свежина. Што да напишам во Меморандумот, се прашав. Се разбира, иднината не ми беше позната, уште помалку фазите низ кои ќе поминува кризата во Југославија. Денес, 35 години подоцна, можете да отворите книги и да прочитате. Тогаш, пред себе имав само празни листови бела хартија на кои го напишав, рачно, бидејќи немаше компјутер, насловот: „Меѓународната позиција на Република Македонија и нејзиниот статус во југословенската заедница“.
Уште на самиот почеток ми стана јасно дека, не само што не ми беше позната иднината, не ми беше позната ниту сегашноста. Имено, информациите што ги добивавме за состојбите во Југославија и за односот на меѓународниот фактор кон кризата доаѓаа од весниците и од телевизијата. Никогаш во текот на моето министерување не добив некаква доверлива информација што би можела да ми послужи како некаков патоказ во дефинирањето на меѓународната позиција на Македонија. Значи единствениот патоказ ми беа моите лични убедувања и моето знаење.
МЕМОРАНДУМОТ
Текстот на Меморандумот што го напишав вечерта, го погледнавме утредента заедно со претседателот Глигоров. Без никакви забелешки, претседателот предложи да му го дадеме на увид на пратеникот на претседавачот со ЕЗ, холандскиот министер за надворешни работи, Ханс ван дер Брук, Анри Вејнандс, кој утрото пристигна во Македонија. Текстот го пишував на англиски, па откога го прочита, неговата реакција беше апсолутно позитивна. Ме замоли само да размислам дали ми е потребен примерот за односите со Заедницата во која ја спомнувам Данска и, ако не се лажам, Португалија. „Да не се најдат погодени“, рече со чувство на симпатии. Го послушав и ја исфрлив таа единствена реченица од текстот. Значи, насловен „Меѓународната позиција на Република Македонија и нејзиниот статус во југословенската заедница“, како документ објавен од нашето МНР во август 1991 година, стана официјалната позиција на идната самостојна држава во битката за меѓународно признавање.
Еве го преводот на текстот што, како што кажав, го пишував на англиски јазик.
„Дезинтеграцијата на економскиот и политичкиот систем на Југославија во форма во која опстојуваше досега, не соочува со нужноста од фундаментална реконструкција на државата. Овој процес на реорганизација на односите меѓу југословенските републики треба да кореспондира со европските процеси. Тоа значи дека почитувањето на независноста и суверената позиција на секоја од државите е предуслов за повисоки форми на интеграција.
Двете опасности за европските процеси се сецесијата и унитаризмот во Југославија, а нивниот заеднички именител е националниот егоизам. Идната политичка структура на земјата треба да ги одбегне овие опасности затоа што тие се извор на перманентни етнички конфликти.
Воведувањето повеќепартиски систем и парламентарна демократија во Југославија ја промени нејзината политичка карта, елиминирајќу ја главната сила на кохезија – Комунистичката партија. Бидејќи претходно постоеше фактичка политичка моќ, паралелно со, повеќе или помалку, формална уставно-политичка рамка, исчезнувањето на партијата ги става на проба политичките институции. Неподготвени да функционираат во новата ситуација, државните органи во републиките, како и тие во федералната структура, ги зафаќа парализа.
СОЈУЗ НА СУВЕРЕНИ ДРЖАВИ
Сметаме дека демократијата, која, исто така, ја овозможи појавата и на многу антидемократски алтернативи, би требало, во еден мирен процес на развој на рамноправни држави, да ги покаже предностите од заедничкиот живот или да го отвори патот кон мирна и цивилизирана дисолуција. Тоа претпоставува умереност на политичките погледи, но, исто така, и на политичките дејствија.
Доколку единството на една мултинационална држава е работа на степен, свесни сме дека степенот на интеграција денес не може да биде поголем од тој што постоеше во еднопартискиот систем. Самиот факт што се воведе плурализам, во голема мера ја децентрализира моќта на претходната држава. Оттаму, инисистирањето на поголемо единство во услови кога демократијата ги прави своите први чекори, кога секој од народите се привикнува на новите услови на политички и економски живот, кога политичките опции не се во состојба да ги преминат границите на националните држави за да се поврзат со тие на другите држави, е обид да се реставрира стариот систем. Таквата политика води во директна конфронтација со силите што се залагаат за поголема лична и национална автономија, кои, пак, се производ на демократскиот процес.
Сецесијата, вториот облик на национален егоизам го става во движење процесот на центрифугални сецесионистички тенденции, кои нужно не запираат на границите на републиките. Политиката што не се грижи за позициите на други народи, политиката на „fait accompli“, ги отвора можностите за конфликти и војни. Нема потреба да се подвлекува дека таквите политики се во спротивност со цивилизираните правила на демократското поведение.
Иднината на југословенската интеграција ја гледаме како сојуз на суверени држави. Тоа претпоставува постоење силни конфедерални елементи, кои би дозволиле непречен „нерамномерен развој“, во смисла дека народи што можат да се развиваат побргу – тоа треба да го прават. Таквата заедница на држави треба да гарантира еднаква стартна позиција за секоја од државите-членки. Договорот треба да санкционира нешто што би можело да се нарече еквидистанца од центарот, т.е. од конфедералните институции. Подоцна, во процесот на развојот на демократијата, државите можат да градат нови форми на интеграција на начин и со оние со кои тие имаат интерес и желба да го сторат тоа.
Доколку не се постапи така, тогаш ќе се загрози целиот концепт на рамноправност меѓу нациите што, од своја страна, ќе има сериозни последици по развојот на демократијата. Само политиката што целосно ја почитува независноста и суверената позиција на секоја република може да ги смири денешните национални чувства, овозможувајќи енергијата на народите да се сврти кон развојот на демократијата. Народи исплашени за својот национален опстанок имаат тенденција да се хомогенизираат, градејќи така брана против демократијата.
Ете зошто е важно во периодот на Мораториумот да се склучи договор со кој ќе се гарантира комплетната рамноправност на републиките. Тој договор би бил добра основа за потрага по нови форми на интеграција, кои, ослободувајќи ги народите од стравовите за нивниот национален опстанок, ќе се развиваат преку слободен проток на луѓе, стоки и капитал. Всушност, токму ова е начинот на демократијата да ѝ се даде шанса да ги покаже предностите во однос на сите форми на колективизам – комунистички или националистички.
ЈНА
На начин на кој ќе се менува југословенската интеграција, треба да се менува и армијата (ЈНА). Во периодот на транзиција кон сојуз на суверени држави, армијата треба да одбегнува да употребува сила во разрешување на бројните и неизбежни политички конфликти. ЈНА мора да најде начин да се прилагоди на процесите на промени и демократизација. Употребата на сила во една комплексна мултинационална заедница, чии проблеми можат успешно да се решаваат само преку политички дијалог, води, независно од желбите на тие што ги употребуваат, до експлозија на незадоволство и отпор.
Умереноста, толеранцијата и почитувањето на позицијата на другите е составен дел на политиката на владата на Македонија. Постојано истакнуваме дека процесот на развојот и еманципацијата на нациите ја наложува и промената во нивните односи преку поголема автономија. Од друга страна, Европа како политичка, економска и правна целина е доминантната тенденција на континентот. Затоа, нужно е да се почитуваат националните стремежи на народите на Југославија, но и на европските процеси на интеграција и единство, чиј составен дел сакаме да бидеме.
Создавањето сојуз на држави би можел да ги задоволи политичките, културните и економските аспирации на народите на Југославија и би можел да создаде добри односи, кои почиваат врз заемни интереси. Тоа, од своја страна, може да отвори нови патишта за повисоки форми на економска и политичка интеграција. Неопходно е да се сочува економската целовитост на Југославија затоа што нејзината фрагментација и создавање заемно антагонизирани држави ќе нè одведе во сиромаштија. Од тие причини, сочувувањето на југословенската интеграција како сојуз на суверени држави, кој би се движел кон интегрирана Европа, е решението што ги зема предвид, како процесите во земјата, така и тие на континентот.
Меѓутоа, сегашните настани во Југославија, кои ги карактеризира агресија и национален егоизам, нè принудуваат да се подготвуваме за целосна независност.
МАКЕДОНИЈА – СТАБИЛИЗИРАЧКИ ФАКТОР НА БАЛКАНОТ
Државата Македонија ја гледаме како стабилизирачки фактор на Балканот. Подготвени сме да покажеме дека демократијата е можна преку мирен живот со членови на други националности, религии и политички убедувања. Подготвени сме за конструктивна соработка со нашите соседи и со другите земји во светот.
Се сметаме себеси за дел од европските интеграции (Хексагоналата, соработката со европските региони, билатерална соработка со членките на ЕЗ…) Конечно, заедничката граница со ЕЕЗ е гаранција дека односите со Грција ќе се развиваат согласно европските стандарди на поведение.
Иако сметаме дека постоењето на разни нивоа на развој во Југославија не е пречка за пристапување кон ЕЕЗ, спремни сме да работиме самостојно за нашето место во оваа интеграција. Тоа, се разбира, претпоставува фундаментални домашни реформи, како економски, така и политички и културни.
Македонија е свесна за фактот дека измешаноста на народите на Балканот го прави невозможно создавањето национални држави со праведни граници. Затоа се залагаме за заштита на правата на сите национални малцинства и етнички групи на Балканскиот Полуостров. Стремејќи се кон Европа без граници, сметаме дека националните права на народите се, всушност, дел од личните права и слободи на секој поединец. Ние, како потписници на европската и на Повелбата на Обединетите нации за човековите права, ќе ги исполниме нашите обврски.
Реформирајќи ја Македонија, ние го отфрламе комунизмот, но, исто така, го отфрламе и национализмот како нов облик на хегемонија врз душите на луѓето. Ние сме свесни дека националниот егоизам води, не само кон политички, туку и кон економски и воени конфликти. Воените конфликти веќе го собираат својот данок во крв во многу делови на Југославија. Економските конфликти ја зедоа формата на економски војни за конфискација на сопственоста, бојкот и ембарго… Националниот егоизам се манифестира и во форма на договори меѓу две страни на сметка на трета. Затоа Македонија цврсто изјавува дека никој нема право да зборува во име на друг народ, уште помалку да прави планови за неговата иднина. Договори на сметка на друг е постојан извор на конфликти и нестабилност, лишувајќи нè од тој незаменлив елемент на демократскиот живот – заемна доверба. Особено во овој период на транзиција, демократското поведение е тоа што го брани правото на секоја нација во Југославија да ги дефинира сопствените интереси, приспособувајќи ги на тие на другите нации.
Раководени од овие принципи и стремејќи се кон мир, прогрес и демократија, граѓаните на Македонија, на 8 септември 1991 година ќе ја искажат својата волја на референдум, одговарајќи на прашањето „Дали сте за суверена и независна држава Македонија, со право да се приклучи кон идниот сојуз на суверени држави на Југославија.“
(Продолжува)