Автобус со 90 ученици кои се враќале од екскурзија удрил во карпа во Црна Гора, возачот се обидел да избегне одрон од камења

by valentina 08:00
08:00

Тешка сообраќајна несреќа се случила синоќа во Црна Гора, откако автобус со околу 90 ученици кои се враќале од екскурзија удрил во карпа на магистралниот пат Мојковац – Колашин.

Несреќата се случила синоќа околу 20:35 часот во местото Штитаричка Ријека. Според првичните информации, се претпоставува дека од ридот се одрониле камења на коловозот, по што возачот се обидел да го избегне одронот, но со предниот десен дел од автобусот удрил во карпа.

Во несреќата тешко е повреден водачот на патувањето, додека уште четири лица се здобиле со полесни повреди, меѓу кои и тројца ученици од основното училиште „Павле Ровински“ од Подгорица.

Според информациите на „Вијести“, тешко повредениот се здобил со скршеница на карлицата и пршлен на ‘рбетот, поради што било одлучено итно да биде пренесен во Клиничкиот центар на Црна Гора. Повредените првично биле транспортирани во болницата во Бијело Поле.

Во автобусот имало околу 90 ученици. Дел од децата по несреќата биле пренесени кон Подгорица со возила на приватни превозници, додека за останатите бил испратен друг автобус од агенцијата што ја организирала екскурзијата. Неколку родители пристигнале на местото и лично ги презеле своите деца.

Слични вести