Жестока реакција на родителите по комеморацијата во Собрание: Ниту имињата на децата не им ги споменаа!

by irena 14:09
14:09

Родителите на загинатите во трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани се разочарани по комеморативната седница во Собранието, одржана по повод една година од пожарот во кој животот го загубија 63 млади лица.

Велат очекувале достоинствено одбележување на годишнината и оддавање почит на нивните деца, но наместо тоа, комеморацијата траела кратко и без да бидат споменати имињата на жртвите.

„Денеска сме собрани овде, повикани од Владата за комеморација на нашите деца после една година од трагедијата. Очекувавме и се надевавме дека кога ќе дојдеме овде ќе им оддадат почит на нашите деца, но сè падна во вода. Комеморација за нашите деца – 63 жртви за една држава, со две страници читање и ајде чао, пријатно, толку беше. Ова е голем удар за нас родителите. Ова не го очекувавме, ова е уште една голема рана за нас родителите. После една година комеморација со две страници читање на напишан текст – катастрофа, многу големо разочарување“ – изјави Габриела Наунова, мајка на загинатата Надица Наунова.

Драги Стојанов, таткото на загинатиот Томче Стојанов рече дека е срамота што комеморацијата била организирана дури една година по трагедијата.

„Ова го нема ни во Авганистан ни во Пакистан. Уште и нè напаѓаат, нè гледаат како противници, како да сме виновни ние што ги испративме децата во дискотека. Барем малку да имаа доблест и чест кон децата. Ние ќе си плачеме на гробовите на нашите деца, а тие ќе се полнат со пари. Јас 60 години работам за да му изградам куќа на моето дете, а сега кому ќе му остане таа куќа? Ова не е судбина, туку убиство од небрежност на институциите. Ако институциите работеа како што треба, нашите деца денес ќе беа живи“, рече Стојанов.

Слични вести