Зеленски: Украина не спроведе операции во бугарски води

by irena 21:22
21:22

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, вечерва изјави дека украинските одбранбени сили не извршиле никакви операции во водите на Бугарија, каде што претходно беа нападнати два цивилни брода, од кои едниот потона, а другиот беше тешко оштетен.

Според Укринформ, тој изјавил дека украинските власти, преку разузнавачките и безбедносните служби, ги утврдуваат сите достапни информации за, како што рече, нов напад врз цивилни бродови во Црното Море.

Зеленски оцени дека новиот инцидент со цивилни бродови претставува продолжение на, како што изјави, руските напори западниот дел од Црното Море да биде целосно несоодветен за пловидба.

„Ги проверивме сите податоци со бугарската страна. Нашата морнарица контактираше со нашите колеги во Бугарија. Утврдено е дека станува збор за руски комбиниран напад со поморски и воздушни беспилотни летала“, рече Зеленски.

Тој додаде дека им наредил на Вооружените сили на Украина, Министерството за одбрана, украинската разузнавачка служба и другите украински институции, целосно да соработуваат со партнерите за да можат и Украина и нејзините партнери да имаат поголеми можности за заштита.

Володимир Зеленски изјави дека Украина подготвува мерки за одговор на подготовките на Русија за масовен напад и спроведува приоритетни задачи како одговор на руските напади врз украинската логистика. Тој ова го објави на каналот на „Телеграм“ по состанокот со членови на владата, воени претставници и претставници на други служби, пренесува „Укринформ“.

„Владата, заедно со претставници на регионалните власти, подготви дополнителни логистички решенија како одговор на руската операција против украинската логистика. Денес добивме нови разузнавачки информации за подготовките на Русија за масовен напад. Подготвуваме одговор. Одредивме рокови за спроведување на значителен дел од задачите, а приоритетните задачи веќе се спроведуваат“, напиша Зеленски.

Тој наведе дека министерот за одбрана и командантот на украинските воздухопловни сили го информирале за издвојувањето средства за заштита на воздушниот простор и за организирањето позиции за заштита на клучните објекти.

„Обезбедуваме неопходна опрема за авионите Ф-16, средства за пресретнување и противракетни системи. Најголемиот предизвик е одбраната од балистички ракети, а достапноста на тие системи зависи исклучиво од нашите партнери. Работиме со нив секојдневно на ова прашање“, рече Зеленски.

Слични вести