Украинскиот претседател Владимир Зеленски денес изјави дека на Русија не смее да ѝ се дозволи да одлучува кој може да се приклучи на НАТО, предупредувајќи дека таквите отстапки само дополнително ќе ја разгорат „жедта на Путин за војна“.
Зборувајќи во Вилнус, на самитот на лидерите на централноевропските и нордиските земји, Зеленски нагласи дека единствениот пат до мир во Европа е решително спротивставување на руската агресија.
– Клучот за траен мир е јасен: агресорот не смее да добие никаква награда за војната – рече украинскиот претседател, а потоа додаде: „Путин не смее да добие ништо што би ја оправдало неговата агресија. Секоја награда само би му покажала дека војната вреди“.
Зеленски го повтори барањето за построги санкции против Русија, конкретно повикувајќи на сериозни ограничувања на трговијата со руска нафта и употребата на танкери.
– Без притисок, Путин само ќе продолжи да си игра игри со сите што сакаат крај на оваа војна – предупреди тој.
Тој, исто така, најави дека очекува нови размени на воени заробеници меѓу Украина и Русија, откако претходната рунда, во која беа разменети 1.000 затвореници, беше успешно спроведена минатиот месец.
Зеленски рече дека целта не смее да се сведе на краткорочен крај на конфликтот, туку на целосно потиснување на „руската глад за агресија“. Неговиот говор доаѓа во време кога НАТО и земјите-партнери сè повеќе дискутираат за одбранбената подготвеност.