Основниот суд Велес ги осуди правното лице „Реал градба“, како и нејзиниот сопственик, Тасе Илиевски и вработениот Марјан Ангелов, за кривично дело „тешки дела против општата сигурност“ за предизвикување на пожарот над езерото „Младост“ во август 2019 година.
Во пресудата се вели дека обвинетите кривичното дело го сториле со умисла, па им изрече казна затвор во траење од по пет години на Илиевски и Ангелов, сметајќи го и времетраењето на притворот. На фирмата „Реал градба“ изречена и е парична казна во висина од 300 илјади денари.
Осудените предизвикале пожар на 26 август 2019 од искри од необезбедена брусилица, со која работеле на викенд куќа. Пожарот се прошири брзо и ја зафати боровата шума над велешкото езеро „Младост“. За над 10 часа во пожарот изгореа повеќе стотици хектари квалитетна борова шума.
Во пресудата се вели дека обвинетите Илиевски, Ангелов и фирмата „Реал градба“, виновни се затоа што воопшто не постапиле според прописите во Законот за безбедност и здравје при работа, Законот за градење и Правилникот за безбедност и здравје при работа, кога вршеле брусење на плац и го предизвикале потпалувањето на тревата.
Запалената трева потоа го предизвика пожарот којшто се проширил во неколку крака и ја изгорел боровата шума во близина на населба Отовица, зафатил приватни имоти, објекти на површината на брегот на езеро „Младост“, на север се до село Новачани.
Штетата беше проценета на вкупно над 27 милиони денари. Од вкупната сума, штетата на државата, односно на оштетеното ЈП „Македонски шуми“ – ШС „Бабуна“, за изгорени дрвја на вкупна површина од 4.765 кубни метри проценета е на скоро 25 милиони денари.
Останатата предизвикана штета од пожарот, во вредност од 2 милиони денари е причинета на имоти и објекти во сопственост на физички лица или правни субјекти.