Засилени контроли на Табановце: Се проверуваат казните на возилата со странски таблички

by irena 20:43
20:43

Системот „Безбеден град“ од денеска започна со контрола на возилата со странски регистарски таблички на граничниот премин Табановце. При излез од Македонија се проверува дали возилото има евидентирани сообраќајни прекршоци направени на територијата на државата.

Доколку системот покаже дека со возилото бил направен прекршок регистриран од камерите и радарите, полициските службеници на граничниот премин го известуваат возачот и му ја доставуваат потребната документација за прекршокот и плаќањето на казната.

Примената на новиот механизам уште првиот ден предизвика поголемо задржување на Табановце. Причината е зголемениот број проверки на возила со странски таблички, при што системот ги прикажува и претходно евидентираните прекршоци.

Од Министерството за внатрешни работи посочуваат дека се преземаат мерки за забрзување на постапката и намалување на времето на чекање на границата. Полициските службеници на самото место ги информираат возачите за евидентираниот прекршок и им издаваат соодветен платен налог согласно законските процедури.

Со ваквиот начин на контрола, прекршоците регистрирани од системот повеќе нема да остануваат ненаплатени само затоа што станува збор за возило со странски регистарски ознаки. Целта е правилата да важат подеднакво за сите учесници во сообраќајот, без разлика дали возилото е регистрирано во Македонија или во странство.

Системот „Безбеден град“ преку камерите поставени на повеќе локации регистрира сообраќајни прекршоци и овозможува нивно електронско евидентирање. Контролата на странските возила претставува дополнување на механизмот со кој надлежните настојуваат да ја зголемат сообраќајната дисциплина и безбедноста на патиштата.

Според најавите, примената на постапката на Табановце претставува почетна фаза, а контролата на возилата со странски регистарски таблички во следниот период треба постепено да биде воведена и на останатите гранични премини во земјава.

Слични вести