СДСМ: Клековски е министер или „скретничар” (пренасочувач)?

by irena 20:51
20:51

СДСМ реагира на денешното објавување на дел од анализите за водата во Гостивар од страна на министерот за здравство Сашо Клековски, обвинувајќи го дека наместо да ги презентира сите податоци, ги упатува граѓаните да ги бараат останатите резултати од други институции.

Од партијата посочуваат дека Клековски соопштил оти анализите направени по барање на Центарот за управување со кризи, Агенцијата за храна и ветеринарство и ЈП „Комуналец“ се во сопственост на тие институции и дека резултатите треба да се бараат од нив.

„Министер за здравство што покажува врата – тоа не е одговорност. Тоа е пренасочување“, велат од СДСМ.

Според опозициската партија, министерот и претходно избегнал одговорност во периодот кога Гостивар се соочувал со проблемите со водата, како и во време кога биле актуелни случаите на жолтица и западнонилска треска.

„Прво скршна од теренот, сега скршна од документите“, наведуваат од СДСМ, обвинувајќи го Клековски дека наместо да биде присутен и да ја координира состојбата, бил на одмор.

Од СДСМ бараат јавноста да добие целосен извештај со сите податоци од направените анализи – кога и каде е земена секоја мостра, во која лабораторија била анализирана, кои бактерии биле утврдени, какви биле измерените вредности и кој гарантира дека водата е безбедна за пиење.

„Јавноста не бара туризам по институции. Бара еден комплетен, потпишан извештај: која мостра, која лабораторија, кој датум, која бактерија, која вредност и кој гарантира дека водата е за пиење. Не парче кај Министерството, парче кај АХВ, парче кај комуналното претпријатие и парче кај кризниот центар“, се наведува во реакцијата.

Од партијата потсетуваат дека Клековски претходно најавил објавување на резултатите, додека премиерот Христијан Мицкоски, според СДСМ, изјавил дека извештајот треба да биде објавен.

„Ако транспарентноста е тука, зошто граѓанинот мора да оди од институција до институција за да дознае што пиел? Ако одлуките биле водени исклучиво врз факти, тогаш фактите треба да бидат објавени целосно“, велат од СДСМ.

Партијата нагласува дека прашањето за исправноста на водата за пиење е прашање на јавно здравје и дека Министерството за здравство не може да ја префрла одговорноста врз останатите институции вклучени во системот.

„Министерот што ја води епидемијата не смее да каже ‘прашајте ги другите’. Другите се дел од истиот систем што тој треба да го координира“, наведуваат од СДСМ.

Од партијата на крајот повторно бараат сите резултати од анализите да бидат достапни за јавноста.

„Објавете ги сите анализи. На едно место. Со потпис. Без упатства каде да се оди понатаму“, порачаа од СДСМ.

Слични вести