Да се тврди дека зголемувањето на прагот за независни кандидати е во корист на граѓаните е навреда за нивната интелигенција. Тоа е како да им ги затвораш вратите, па да им објаснуваш дека така полесно ќе влезат – реагираат независните граѓански иницијативи во врска со изјавата на премиерот Христијан Мицкоски, во која, прашан за негодувањето на независните за предложеното зголемување на прагот на потписи кои треба да ги соберат за нивно учество на изборите, рече дека се носат најдобри решенија кои одговараат на потребите на граѓаните, а не на поединци или на одредени невладини.
„Да речеме во Германија, за да се влезе во Бундестагот потребни се пет проценти. Во други држави по три-четири, некаде и пет проценти. Видете, може да се појави некој што не е задоволен. Демократијата е таква да не можеме ние да забраниме задоволство или незадоволство. Ги прифаќаме тие пораки, ги анализираме и носиме најдобри решенија коишто одговараат на потребите на граѓаните, а не на поединци или на одредени невладини“, рече Мицкоски.
Независните реагираат дека премиерот свесно или од недоволна информираност го меша прагот на освоени гласови на парламентарните избори за влез во германскиот парламент со прагот на потребни потписи кои се бараат во Германија за граѓани да може воопшто да се кандидираат на избори.
„Премиерот денеска вели дека во Германија за да се влезе во парламентот се потребни 5 проценти, но не кажува дека тоа се однесува на процентот од освоени гласови на избори. Премиерот не кажува и дека за да може граѓански листи да се кандидираат на избори во Германија треба да соберат само 200 потписи. Што значи дека со само 200 собрани потписи граѓански иницијативи може да се кандидираат на парламентарни избори во Германија и ако притоа освојат најмалку 5 отсто од гласовите, тие ќе добијат место во Бундестагот“, се наведува во реакцијата.