За Мерко ДУИ има двојни стандарди – партијата ги брани Беџети и Дехари, а се дистанцира од него

by irena 11:43
11:43

Екс градоначалникот на Струга – Рамиз Мерко ја обвини својата матична партија ДУИ дека врз него применува двојни стандарди затоа што не застана во негова одбрана за кривичните пријави, исто како што сега ги брани поранешните градоначалници на Сарај и на Кичево – Блерим Беџети и Фатмир Дехари.

Мерко на Фејсбук пишува дека внимателно ги следел изјавите на ДУИ за политички притисок врз Беџети и Дехари и дека се согласува со барањето на партијата за неселективна и еднаква политичка правда. Прашањето е зошто овие принципи не важат за сите подеднакво.

„Како некој што е дел од политичкиот живот повеќе од две децении, кој има институционални одговорности и придонесе за важни изборни победи во Струга и во Изборната единица 5, директно го искусив овој двоен стандард. Во неколку изборни циклуси, токму нашата Изборна единица направи разлика во рамнотежата на мандатите. Но, во моментот кога се соочив со судски постапки, недостасуваше поддршка. Напротив, отворено се дистанциравте. Тука се појавува главниот проблем – двојниот стандард“, пишува Мерко.

Вели дека особено ѝ замерува на ДУИ што застанала во одбрана на високи функционери како поранешниот вицепремиер Артан Груби, кон кого, како што вели, и покрај сериозните обвинувања за корупција, реакциите на партијата биле претпазливи, воздржани, па дури и дефанзивни.

„Сериозните обвинувања за корупција се релативизираат, а се молчи за процесите поврзани со административни одлуки. Обвинувањата против мене не беа за докажана корупција или финансиски криминал, туку за административни прашања и носење одлуки како што се назначување директори или поставување симболи поврзани со албанската историја и идентитет. Сепак, тие беа третирани како проблеми, додека во пракса се дел од институционалниот секојдневен живот во земјата“, додава Мерко.

Слични вести