Пишува: Денко МАЛЕСКИ
35 години независност – сеќавања на првиот министер за надворешни работи на Република Македонија
Со претседателот се договоривме, во следните недели да упатиме писмо до шефовите на државите и на владите на земјите во светот со барање да ја признаат нашата независност. Бевме во очекување на нацртот што требаше да ни го испрати консултантската група што ја беше ангажирал бизнисменот од македонско потекло Џон Битов, со парите од нашите иселеници. Содржината на повремените телефонски повици од лоби групата од Канада до претседателот Глигоров, на кои редовно учествува, не ме задоволуваше. Тие повеќе ни поставуваа прашања отколку што ни даваа одговори. Сепак, си мислев, во тие опасни и сурови времиња, и самата можност да имаш отворена линија со некого на Запад беше подобро од ништо. Не дека тие ќе можеа нешто бргу да сторат за нас и за земјата, но, сепак, беа некакво предупредување, си мислев, за сите известителни центри на Балканот и во светот што толку лесно ги следеа нашите незаштитени телефонски разговори. На нацрт-писмото, кое конечно стаса, му направив ревизија, па писмото од претседателот до светските лидери беше испратено на 2 декември 1991 година. И како што налага протоколот, и јас упатив писмо со истата содржина до министрите за надворешни работи.
ПИСМОТО
„Екселенцијо,
Ви ја доставувам на Вашата екселенција, нашата волја Република Македонија да биде признаена за независна држава.
Дозволете ми да кажам дека ова е прашање што бара Ваше итно внимание и соработка заради изнаоѓање решение за конфликтот, кој му нанесе штете на нашиот регион и кој се заканува да се прошири на другите делови на Балканот.
Дезинтеграцијата на стопанскиот и на политичкиот систем на Југославија создаде вакуум на власта, кој се исполни со етнички војни, проследени со кризи и слом на авторитетот на државата, со закани од економска пропаст.
Македонија, која секогаш се залагаше за начелото на мирољубиво самоопределување, одбива да земе учество во војната. Сметаме дека употребата на воена сила во една сложена повеќенационална заедница, чии проблеми можат да се решат само преку политички дијалог, води кон експлозии на незадоволство и уништување.
Одбивајќи да бидеме заложници на една состојба што е вон нашата контрола, а почива врз принципи што се спротивни од тие за кои се залагаме, ја земаме нашата судбина во сопствени раце, движејќи се кон нашата цел – целосен суверенитет.
Македонија го декларира своето право на самостојност на 25 јануари 1991 година, додека референдумот на 8 септември, со големо мнозинство ја одобри целта за независност, со можност да стапи во сојуз на суверени држави.
Собранието на Република Македонија го прогласи нашиот суверенитет на 17 септември, додека процесот на национална еманципација беше окончан со новиот Устав, кој ја прогласи Македонија за самостојна држава на 17 ноември 1991 година.
Фактички, Македонија е самостојна во смисла што таа сама си ги води своите работи и се грижи за безбедноста и доброто на својот народ. Меѓутоа, самостојноста на нашата држава не може да биде целосна и безбедна без таа да биде признаена од други држави, како што е таа што вие ја претставувате.
Ние, државата Македонија ја гледаме како фактор на стабилност на Балканот и во Европа. Подготвени сме да докажеме дека демократијата е можна преку мирно живеење со припадници на други националности во Македонија.
Ние, исто така, сме подготвени на конструктивна соработка со нашите соседи и со земјите во светот.
Официјалното признавање ќе ѝ овозможи на македонската држава да одржува односи со други земји врз искрени и стабилни основи. Тоа, исто така, ќе биде порака до тие помалку мирољубивите дека територијата на признаената македонска држава не е слободна за земање. Тоа ќе биде јасен сигнал што ќе ги обесхрабри обидите да се менуваат границите по пат на сила. Жално е што една ваква порака е потребна во регионот во кој ние живееме, меѓутоа пред тој факт не треба да се затворат очите.
Затоа повикуваме на официјално признавање на независноста на Македонија и нејзиното постоење како држава што ја сочинува територијата и народот што досега беше позната како Република Македонија.
Македонија ги исполнува сите легални критериуми за признавање на нејзината државност.
Нејзината територија е јасно одредена со Грција на југ, Бугарија на исток, Албанија на запад и Србија на север. Ние, исто така, во Декларацијата на парламентот изјавивме дека постоечките граници на Македонија нема да се пречекорат и секое дејствување во таа насока нема да се толерира.
Нашето население е трајно и стабилно, мнозинството е етнички македонско и го зборува македонскиот јазик, еден од трите официјални јазици на Југославија. Другите националности што го сочинуваат нејзиното население уживаат еднакви права и целосно учествуваат во политичкиот живот и стопанството на Македонија.
Сегашната влада на Македонија, избрана на демократски повеќепартиски избори, е продолжение на долга низа влади што имаа ефективна власт во Македонија, иако до неодамна беше во федерално уредување со другите југословенски држави (Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија и Црна Гора).
Македонија е способна да влегува во односи со други држави и веќе го чини тоа преку контакти со бројни влади во светот, секогаш инсистирајќи дека односите меѓу државите треба да бидат во духот на пријателството и соработката.
Според тоа, нашето барање за признавање како самостојна држава се темели врз едноставната правдина – да ја држиме судбината во наши раце и врз желбата на нашиот народ да му се придружи на семејството на нации во еден конструктивен напор кон мир, стабилност и просперитет.
Пропуштањето да се признае постоењето на македонската држава како независна држава, пак, некои можат да го толкуваат како покана за мешање во внатрешните работи кои се само македонски, создавајќи затегнатост и трвења од кои Македонија веќе подолго време е ослободена, но честопати ги искусила низ својата историја.
Ве молам, Ваша екселенцијо, предупредете ме за некакви пречки за кои сметате дека стојат на патот на признавањето на Македонија. Ако, пак, ги нема, Ве молам известете ме како Македонија може да ви помогне да направиме чекор понатаму од признавањето, кон трајна соработка и безбедност.
Во име на Република Македонија, Ви испраќам искрени желби за пријателство“.
(Продолжува)