Деновиве на Златибор се одвива снимањето на „Враќање на Жикина династија“, продолжеток на хит серијалот ,,Жикина династија” кој беше мега популарен во осумдесетите и деведесетите години на минатиот век.
Главната улога ја има Никола Којо, односно Миша, како и неговите синови, а приказната се врти околу перипетиите на новите генерации кои се случуваат во современиот живот.
Покрај Којо, кој по 30 години се враќа пак со улогата на Миша, во филмот играат и Весна Чипчиќ, Данијела Димитровска, Срѓан Тимаров, Драгана Миќаловиќ и други.
Премиерата на филмот во кино салите се очекува кон крајот на годината.
Режисерот на филмот, Милан Тодоровиќ, за Златиборските вести изјави дека целата филмска екипа била дочекана многу срдечно на Златибор од мештаните.
– Овде сме како на излет, одлично си поминуваме. Ќе снимаме уште десеттина дена на Златибор, потоа ни остануваат уште неколку дена снимање во Белград, и на крај на годината може да се очекува премиерата на филмот.
Династијата продолжува, доаѓаат нови генерации, истакна Тодоровиќ.
Инаку, првиот филм од серијалот, насловен „Луди години“ беше прикажан кон крајот на 1977 година, по што следеа уште девет продолженија.
Главна ѕвезда на филмот беше Жика Павловиќ, кого го играше актерот Драгомир Бојаниќ – Гидра. По неговата смрт во 1993 година, заврши и приказната на „Жикина династија“.
Веста дека сепак, по околу три децении „Жикина династија“ се враќа на екраните, беше дочекана со поддршка од страна на бројните љубители на хумористичниот филм, кој беше помеѓу најпопуларните во поранешна Југославија.
Вики КЛИНЧАРОВА