Генералната управа за цивилно воздухопловство на Обединетите Арапски Емирати соопшти дека воздушниот сообраќај над земјата е повторно нормален и оти мерките на претпазливост се укинати.
Одлуката е донесена по сеопфатна процена на условите и во координација со надлежните органи, а следењето во реално време останува во сила заради безбедност, соопшти Генералната управа.
Управата им изрази благодарност на патниците и на авиокомпаниите за соработката за време на периодот на претпазливост и наведе дека нејзините технички и оперативни тимови се подготвени да реагираат на секој нов развој на настаните.
„На јавноста ѝ се препорачува да продолжи да се информира од официјални извори“, се вели во соопштението на Генералната управа за цивилно воздухопловство.
Техеран ги оправдуваше нападите врз Емиратите, кои не учествуваат во конфликтот, со тоа што во земјата се наоѓаат американски воени бази кои можат да бидат употребени во војната.