Турските власти денеска приведоа 17 претставници на фудбалски клубови како дел од проширената истрага за наводно нелегално обложување и местење натпревари, соопшти официјален претставник.
Осомничените биле приведени во истовремени акции спроведени низ Истанбул и девет други провинции, објави агенцијата „Анадолија“.
Оваа акција уследи откако анализата на податоците од легалните платформи за обложување за периодот од 2020 до 2026 година покажа дека приведените лица наводно се обложувале додека сè уште извршувале официјални функции, според „Анадолија“.
Меѓу приведените имаше и четворица раководители од истанбулските клубови „Галатасарај“ и „Бешикташ“.
Покрај 17-те приведени лица, издадени се налози за апсење и на уште двајца осомничени, соопшти агенцијата.
„Одлучно ја продолжуваме борбата против нелегалното обложување, насилството во спортот, местењето натпревари и приносите од криминални активности“, изјави министерот за правда, Акин Ѓурлек, во објава на социјалната мрежа „Икс“.
„Секоја сомнителна структура, однос или дејство што го нарушува духот на спортот и фрла сомнеж врз кредибилитетот на фудбалот, ќе биде одлучно санкционирано“, додаде тој.
Скандалот поврзан со нелегалното фудбалско обложување изби во октомври, откако Турската фудбалска федерација покрена истрага за наводно масовно обложување на натпревари од страна на фудбалски судии.
Истрагата подоцна се прошири и ги опфати играчите и официјалните лица, вклучително и оние од највисокиот ранг – Суперлигата; стотици играчи беа упатени до дисциплинската комисија на Федерацијата.