Дресот што го носел легендарниот Пеле во финалето на Светското првенство во 1958 година беше продаден на аукција за 4,9 милиони долари, што го прави највредниот сувенир поврзан со славниот Бразилец.
Аукциската куќа „Сотби“ објави дека имало голема борба меѓу колекционерите за познатиот дрес.
За време на лицитацијата, биле примени десет понуди од неколку заинтересирани купувачи, а конечната цена го рангирала овој предмет меѓу највредните спортски реквизити на сите времиња.
Тоа е дресот со број 10 што Пеле го носел како седумнаесетгодишник во финалето против Шведска во Стокхолм. Бразил тогаш славеше со 5:2 и ја освои титулата светски шампион за првпат во историјата, додека младиот напаѓач постигна два гола и засекогаш влезе во фудбалската историја.
До ден-денес, тој останува најмладиот играч што постигнал гол во финалето на Светско првенство.
Со оваа продажба, дресот на Пеле стана вториот најскап фудбалски дрес некогаш продаден на аукција. Пред него е само дресот на Диего Марадона од четвртфиналето на Светското првенство во 1986 година против Англија, кој беше продаден во 2022 година за 9,3 милиони долари.
Токму во тој натпревар аргентинската легенда го постигна познатиот гол познат како „Божјата рака“, но и еден од најубавите голови во историјата на Светските првенства.