„Во нацрт-извештајот на Европскиот парламент нема многувековен македонски идентитет, ниту во текстот, ниту како предлог од кој било европратеник. Ова е уште една манипулација и фикција од страна на Скопје“, објави европратеникот на бугарската партија ГЕРБ, Андреј Ковачев во врска со изјавата на премиерот, Христијан Мицкоски, во која тој тврдеше дека Европа ја слушнала „вистината за македонскиот идентитет“ и дека извештајот на ЕП за напредокот на земјата ќе биде усвоен.
Според Ковачев, денес постои македонски идентитет и Бугарија го признава. Но, според него, тој не е „многувековен и ова е очигледно за секој што ја познава историјата“, додаде европратеникот.
„Обидот на Христијан Мицкоски да го претстави извештајот на ЕП како „признание за македонската вечност“ е евтин политички трик. Неговата цел е да прикрие нешто друго – дека всушност се согласува со козметичкото вклучување на Бугарите во преамбулата на Уставот“, пишува Ковачев.
Според него, ова не е доволно за да се започнат преговорите со Европската Унија.