Полицијата од албанскиот град Елбасан уапси македонски државјани во чие комбе откри еден килограм хероин, со кое илегално, преку зелениот појас ја минал македонско – албанската граница, каде го чекал албански државјанин.
– Сомнителното возило, во кое патувале државјанинот од Република Македонија, Л.Г.(32) од Струга и албанскиот државјанин А. Б.(45) од Драч, било запрено за проверки на патниот правец Булќиза – Либражд. При контрола во гума на возилото откриен и запленет е килограм хероин, прошверцуван од македонска на албанска територија, преку зелениот појас на границата, стои во полициското соопштение.
Дрогата, според полицијата била наменета за албанскиот нарко пазар.
Исто така, како материјален доказ, освен дрогата, запленети се возилото (комбе) тип „Фиат“, два мобилни телефона, како и 40.000 леки, 50 евра и 290 денари.
Материјалите се доставени до Обвинителството во Елбасан за понатамошно постапување, а уапсените ќе одговараат за „Трговија со наркотични супстанции“.