ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ нема кредибилитет за економски политики

by irena 18:19
18:19

Според нив, СДСМ со години го оштетувала државниот буџет за лични и партиски интереси, па поради тоа денес не може да држи прес-конференции за подобар животен стандард и економија.

СДСМ нема кредибилитет да зборува за економски политики со ова раководство и со излитени кадри, соопштија денеска од ВМРО-ДПМНЕ, како реакција на прес-конференцијата на портпаролката на СДСМ Богданка Кузеска, која ја обвини Владата за растечка инфлација и за влошен животен стандард.

Кузеска во своето обраќање рече дека во Буџетот за 2026 година не е предвидено зголемување на минималната плата на 500 евра, поради што платите и пензиите нема да растат, а ќе растат само трошоците за живот и, како што додаде, „стандардот на профитерите“.

Од ВМРО-ДПМНЕ одговорија на оваа прес-конференција со порака дека народот на изборите му ја испорачал реалноста на СДСМ.

„Доколку граѓаните беа навистина незадоволни од работата на ВМРО-ДПМНЕ, немаше да и дадат толкава и убедлива поддршка на локалните избори. Тоа е најјасната порака од народот дека има доверба во политиките кои носат резултати“, соопштија од владејачката партија.

Според нив, СДСМ со години го оштетувала државниот буџет за лични и партиски интереси, па поради тоа денес не може да држи прес-конференции за подобар животен стандард и економија.

„Колку е иронично што СДС зборува за инфлација  кога токму во нивно време државата се соочи со двоцифрена инфлација и економска нестабилност“, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ.

Од оваа партија додадоа дека опозицијата, наместо да излегува со вакви теми во јавноста, да се посветат на внатрешни реформи, да расчисти со старите структури и да понуди „барем трошка кредибилитет“ пред јавноста.

Слични вести