„Денес е нечие туѓо дете, утре може да биде нашето“: Охриѓани со потресни реакции по претепувањето на девојката

by irena 10:33
10:33

Случајот со бруталното насилство врз девојка во Охрид предизвика лавина реакции во јавноста. Граѓаните бараат одговорност за осомничениот и соодветна заштита за жртвата, предупредувајќи дека насилството врз жените не смее да се премолчува или оправдува.

Викендов во Охрид беше приведен 31-годишен маж, осомничен дека физички ја нападнал својата девојка во автомобил, по што ја исфрлил на улица во близина на маркет. Според информациите објавени во медиумите, девојката била тепана до губење свест, а осомничениот наводно продолжил да вози пред да ја остави покрај патот.

Повредената девојка била прегледана во болница, по што случајот бил пријавен во полиција. Надлежните институции ги утврдуваат околностите на настанот.

Меѓу оние што јавно го осудија насилството е и охриѓанката Кристина Крлеска Деспотоска, која како мајка на ќерка упати емотивна порака за безбедноста на девојките и одговорноста на општеството.

„Како мајка на ќерка, како жена и како човек, не можам да останам рамнодушна на бруталното насилство врз една девојка во нашиот град. Охрид е град во кој живееме, во кој растат нашите деца, во кој сакаме да се чувствуваат безбедно, слободно и заштитено“, напиша таа.

Кристина предупредува дека ваквите случаи не смеат да останат само вести што ќе предизвикаат краткотрајна вознемиреност, а потоа ќе бидат заборавени.

„Зад секоја претепана девојка стои една личност, едно семејство, една мајка која се плаши за своето дете. Зад секој ваков чин стои насилство што не смее да се оправдува, премолчува или релативизира“, посочува таа.

Во својата реакција нагласува дека физичкото насилство никогаш не може да биде оправдано со љубов, љубомора или момент на нервоза.

„Не е љубов кога некој те удира. Не е љубомора, не е нервоза, не е приватна работа. Тоа е насилство! Како мајка, не сакам ниту една девојка да живее во страв, да се плаши да прекине врска, да се плаши да каже ‘НЕ’ или да размислува дали ќе биде безбедна покрај човекот на кого му верувала“, пишува Кристина.

Таа ги повика и граѓаните да не молчат кога се сведоци на насилство, а од институциите побара сериозно и одговорно постапување.

„Денес е нечие туѓо дете, утре може да биде нашето. Да ги воспитуваме синовите да ги почитуваат жените, а ќерките да знаат дека никој нема право да им ја одзема слободата, достоинството и безбедноста“, порача охриѓанката.

Со емотивна реакција се огласи и нутриционистот Владимир Тодоровски од Охрид, кој откри дека лично ја познава нападнатата девојка, со која одел на училиште.

„Девојчето е школска моја, имам делено клупа со неа. Дознавајќи вакви вести, едноставно буди гнев и разочарување за едно општество, колку немаме свест и контрола“, напиша Тодоровски.

Тој изрази разочарување од сè почестите случаи на насилство и порача дека очекувал младите генерации да придонесат за позитивни промени во општеството.

„Очекував дека барем како млади генерации ќе правиме промени. Никој не го заслужува ова! Секоја жена која трпи некакво насилство, пријавете одма и побарајте помош“, апелира тој.

Тодоровски постави и прашања за понатамошната безбедност на нападнатата девојка и за мерките што ќе бидат преземени против осомничениот.

„Ликот ќе шета слободно за една недела низ град? Што ќе ја штити девојката утре слободно да излезе низ град и дека нема да го сретне?“, прашува тој.

Во својата објава упати критики и кон лицата за кои смета дека биле сведоци на насилството, а не реагирале за да ѝ помогнат на девојката.

Слични вести