ВМРО-ДПМНЕ: Филипче е подготвен да ги распродава националните интереси само да си зачува фотелјата

by jadranka 11:52
11:52

По прозивките од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) дека премиерот Христијан Мицкоски и Владата веќе се подготвуваат да ги внесат Бугарите во Уставот, од владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ го обвинија шефот на опозициската партија за лицемерие, а СДСМ дека е без план и правец во однос на европските интеграции на Македонија.

Од владејачката партија, преку соопштение, велат дека СДСМ на чело со Филипче е целосно изгубен и во политичка магла, без концепт и без јасна стратегија.
„Лицемерието на Венко нема крај. Секој ден на прес-конференции растура пердува, а кога има можност за прашања и соочување тогаш бега. Филипче повторно избега од пратенички прашања и од Франкфурт праќа поздрави за работниците на Меѓународниот ден на трудот. Европската реторика на СДС и Филипче е без план и без правец. СДС и Филипче декларативно се проевропски, но реално се без правец и стратегија обидувајќи се да ја скријат паниката и нервозата поради колапсот на сопствениот рејтинг“, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Оттаму велат дека Социјалдемократскиот сојуз повеќе не може да се крие зад, како што наведуваат, празната флоскула дека се проевропски ориентирани, бидејќи, додаваат, зад таквата реторика нема ниту конзистентност, ниту кредибилитет, туку политики опортунизам и предавства.

Според ВМРО-ДПМНЕ, Филипче со неговата реторика се обидува „да се продаде“, како единствен арбитер за европскиот пат, без да постави никакви црвени линии.
„Венко Филипче е спремен да ги распродава националните интереси исто како неговиот ментор (Зоран) Заев, само за да си ја зачува фотелјата на Бихаќка и да дојде до власт. Филипче отворено најавува подготвеност за уставни измени веднаш, без услови и без гаранции дека тоа ќе биде последната пречка за државата. Тоа е конзистетност на истата политика на отстапки како Зоран Заев и останатите кои поради нивната сервилност, ја ставија Македонија во ситуација да се соочува со блокада на патот кон ЕУ. СДС на чело со Филипче подготвени се да распродадат, сè што е македонско, идентитетот, јазикот, историја и културата само поради една цел, за да дојдат на власт“, критикуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Дополнително, велат од владејачката партија, лидерот на СДСМ ја манипулира јавноста преку спинување на изјави на европски претставници, вклучнително и на европратеникот и известувач за Македонија во Европскиот парламент (ЕП), Томас Вајц, кој, како што велат од ВМРО-ДПМНЕ, јавно ги демантираше таквите интерпретации.

Од владејачката партија го критикуваат и обвинуваат Филипче дека со месеци тој и СДСМ ширеле невистини дека средствата од ИПАРД-програмата се изгубени и блокирани, додека вистината, како што велат, е спротивна, односно средствата се достапни и ставени на располагање на земјоделците.

Ваквото однесување, велат од ВМРО-ДПМНЕ, не е проевропско, туку пример за партија која само декларативно се повикува на Европа, а во пракса работи спротивно на вредностите на вистината, одговорноста и достоинството.

„Граѓаните заслужуваат чесна политика, јасни позиции и заштита на националните интереси. СДС и Филипче не го нудат тоа“,наведуваат од владејачката партија.

Слични вести