Екс-вицепремиерот Артан Груби веќе речиси два месеци е во куќен притвор, а партиите од албанскиот блок во државата се уште се обвинуваат за него. Од ВЛЕН велат дека „жално е да се гледа како ДУИ се препелка во сопствената кал“.
-Имаа мандат во владите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ вкупно цели 20 години, а освен гол популизам, нивните наводни остварувања за Албанците немаат никаква реална политичка тежина.
Сега излегуваат на виделина сите нивни манипулации. Наместо системски и долгорочно да ги решаваат прашањата за правата на Албанците тие ни оставија во наследство фалични алатки кои биле само параван за криминалното богатење на функционерите на ДУИ. Крајно потценувачки и многу ефтино изгледа тезата дека се почитува Охридскиот Рамковен договор, се исполнуваат ЕУ перспективите и се одржува и унапредува стратешкото партнерство со САД, само кога ДУИ е дежурен партнер во сите Влади. Овој наратив е очајнички обид на Ахмети да остане политички релевантен, стои во партиското соопштение.
ВЛЕН истакнува дека Груби, како „црна кутија на ДУИ“ држи во заложништво минимум пет актуелни партиски функционери.
-Поради ова потценување на интелигенцијата на Албанците и овој долгогодишен манипулативен однос, ДУИ ја плати цената на локалните избори, но очигледно сѐ уште не ѝ доаѓа памет. ВЛЕН веќе дава вистинска лекција за тоа како се третираат и решаваат прашањата од висок интерес за Албанците, порачуваат од коалицијата.