ВЛЕН пред договор за консензуално одлучување: Двајца (ко)претседатели или четворица ротациски лидери?

Во рамки на ВЛЕН се уште не се испеглани различните размислувања во однос на моделот според кој треба да биде управувана оваа коалиција кога ќе прерасне во политичка партија - дали на чело да бидат двајца (ко) претседатели, или, пак, да се менуваат експоненти на четирите субјекти по принцип на ротација? Во секој случај, претседателот треба да има симболична улога, бидејќи она што е сигурно е дека одлуките ќе се носат по пат на консензус. Во меѓувреме, јавно се говори за „игри со лактови“!

by vlatko 13:48
13:48

Иако се уште нема конечен договор за моделот на управување со ВЛЕН кога оваа коалиција ќе прерасне во единствена политичка партија, каде ќе се претопат четирите субјекти што ја сочинуваат коалицијата – БЕСА, ДД, Алтернатива и едно од крилата на Алијанса за Албанците, сепак, се водат напредни преговори за заокружување на овој процес, со цел да се испеглаат различните ставови и позиции кои очигледно постојат за одредени аспекти.

–Се уште нема конечен договор – ни изјави портпаролот на ВЛЕН Дритон Сулејмани, додека се лиферуваа информации врз основа на наводен драфт-документ според кој се предвидува претседателот на партијата да се избира по принцип на ротација секоја година, додека одлуките треба да се носат со консензус во рамки на претседателство, составено од четворица членови со четиригодишен мандат: претседател, генерален секретар, потпретседател и претседател на Генералниот совет.

Имено, предлогот за ротирачко претседателство на ВЛЕН е модел што, покрај останатите, го застапува политичката партија Алтернатива, каде неодамна дојде до промена на лидерот, со оглед дека Зеќирија Ибраими се повлече и на негово место дојде Беким Сали, прв вицепремиер и министер за евроинтеграции. Во изјава за „Фокус“, Сали рече: „Промената во Алтернатива е техничка. Наш предлог за ВЛЕН е ротирачко претседателство. Според швајцарски модел“.

Инаку, „Фокус“ неодамна објави дека ротирачко претседателство е еден од моделите што се разгледуваат во рамки на ВЛЕН, меѓутоа дискусиите и анализите оделе во правец дека новата партија треба да има двајца претседатели, односно претседател и копретседател. Притоа, тогаш објавивме дека претседател и копретседател на ВЛЕН треба да бидат првиот човек на Демократското движење и градоначалник на Чаир, Изет Меџити, и првиот човек на БЕСА и градоначалник на Тетово, Биљал Касами.

Веднаш потоа, Меџити во телевизиско гостување рече ја чита пораката на албанските гласачи дека тие сакаат ВЛЕН да биде една партија, а не акционерско друштво. Во тој контекст, посочи дека се разгледуваат повеќе модели за унифицирање на ВЛЕН, при што оцени дека токму моделот со двајца копретседатели „не е лошо решение“.

–Работиме на креативни и инклузивни решенија, сите да се чувствуваат победници и важни. Првично, сите лидери на ВЛЕН сме свесни дека дотука не сме дошле како мали партии, туку како ВЛЕН. Второ, има добар дел на гласачи кои не се на одредени партии во ВЛЕН, туку се додадена вредност, гласаат за нас кога ќе не видат заедно… Побитен е ВЛЕН од индивидуалци – рече Меџити на Телма.

Одговарајќи на прашањето дали меѓу него и Касами ќе се бира лидерот на ВЛЕН, тој одговори: „Па тука негде е. Сепак, тој е фактор во Тетово повеќе, јас во Скопје. Ова се два главни градови каде се концентрирани Албанците. И работиме на креативни решенија. Има повеќе низ партиите низ Европа, разгледуваме модели од Германија, Англија…“

–Може ротирачки претседател, може во прва фаза и копретседатели, има и такви модели. Има кај зелените во Германија, имаше случај и во Косово со копретседатели. Едниот е потписник, оти е правен субјект, мора некој да се потпише, но пред членството и јавноста и со определени ингеренции функционираат како двајца претседатели. Ова како преодна фаза не е лошо решение – рече Меџити.

Во меѓувреме, Касами во интервју за Алсат изјави дека ВЛЕН е на пат кон трансформација во политичка партија, преку спојување на сегашните субјекти што ја сочинуваат коалицијата. Во таа насока, според него, доминира аргументот дека имаат заедничка политичка организација, наспроти опцијата да бидат коалиција меѓу повеќе политички партии.

–Раководството на ВЛЕН не може да биде класичен и едноставен модел. Ова значи дека пред да му ја дадеме главната тежина на претседателот, имаме претседателство на ВЛЕН, каде што повеќето одлуки се носат со консензус како и досега, а претседателите на субјектите што ја сочинуваат ВЛЕН имаат важни позиции во оваа организација – нагласи тој.

Оттука, без оглед дали на крај ќе биде постигнат договор за двајца (ко)претседатели или на чело на партијата да се менуваат претставници на четирите субјекти што го сочинуваат ВЛЕН на период од една година, факт е дека претседателот ќе има безмалку симболична улога, бидејќи ќе треба да ги спроведува и застапува одлуките кои претходно ќе се носат со консензус. т.е. со согласност на сите структури.

Дека има разлики, па дури и одредени тензии во рамки на ВЛЕН додека трае процесот на трансформација од коалиција во партија, потврдува незадоволството што јавно го изразува потпретседателот на БЕСА и воедно министер за социјала Фатмир Лимани, кој говори за „игри со лактови“.

–Не би сакал индивидуалци кои се дел од раководството на ВЛЕН да почнат игри со лактови, бидејќи ќе ги снајде полошо од ДУИ, во времето кога почнаа да се самобендисуваат. Јас не сум за да и се врати насмевката на сегашната опозиција, но ако некој го посакува тоа, тогаш и ќе се постигне – рече Лимани за „Фокус“, без да прецизира на кои индивидуалци поточно мисли.

Влатко СТОЈАНОВСКИ

Слични вести