Власта ќе оди на вонредни парламентарни избори следната 2027, но и 2 години подоцна – во пакет со претседателските во 2029?!

Дали цензусот за избор на претседател на државата ја решава равенката околу идните изборни соочувања?

by vlatko 18:28
18:28

Текстот е објавен на 11 јуни, 2026 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1.601.

За да се намали ризикот од неуспешен избор на шеф на државата, претседателските избори обично се спојувале со парламентарни избори, а еднаш и со локални, бидејќи тоа ја зголемува мобилизацијата и го олеснува постигнувањето на цензусот од 40 отсто. Ако продолжи досегашната практика, и следните претседателски избори би требало да се одржат во пакет со други избори, што подразбира одредени политички подесувања и комбинаторики. За тие да се спојат со генерални локални избори, ќе треба да се скрати мандатот на градоначалниците и советниците за 6 месеци, што е комплицирана операција од политичко-правен аспект. Затоа, пореална варијанта е следните претседателски избори да се поврзат со парламентарни, при што можни се 2 сценарија. Прво, актуелната претседателка да поднесе оставка една година пред истекот на 5-годишниот мандат, па така предвремени претседателски избори би се споиле со редовните парламентарни избори во 2028 година. Другата варијанта е со редовните претседателски избори во 2029 година да се одржат предвремени парламентарни избори. Доколку власта ја одбере втората опција, тогаш уште повеќе се зголемува можноста следната 2027 година да има предвремени парламентарни избори, за 2 години подоцна, т.е. во 2029 година, да има нови предвремени парламентарни избори.

Пишувал: Влатко СТОЈАНОВСКИ

По формирањето на актуелната влада пред околу 2 години, една од најактуелните политички теми во јавноста е дали ќе има предвремени парламентарни избори, што, се разбира, зависи од волјата на власта, т.е. од парламентарното мнозинство што го сочинуваат владејачките партии – ВМРО-ДПМНЕ, ВЛЕН и ЗНАМ.

Првично, долго време се дискутираше, анализираше, пишуваше дали ќе има предвремени парламентарни избори во пакет со изминатите локални избори, кои се одржаа во втората половина на ланската 2025 година.

Главно, оваа тема ја држеше високо во политичката и јавна дебата албанската опозиција предводена од ДУИ, која бараше брзи парламентарни избори, сметајќи дека на тој начин повторно ќе се врати на власт, откако падна во опозиција по пресвртните избори во 2024 година.

Иако ДУИ и нивните партнери бездруго создадоа атмосфера за парламентарни избори, сепак, власта остана на ставот дека ќе се одржат само редовни локални избори, на кои, патем речено, владејачката ВМРО-ДПМНЕ освои убедлива победа, додека албанскиот партнер во власта – ВЛЕН, постигна солиден резултат, имајќи предвид дека победија во речиси сите големи општини со мнозинско албанско население.

Откако не се остварија желбите, но и прогнозите дека лани ќе се одржат двојни избори, веднаш по локалните избори повторно оживеа темата за брзи предвремени парламентарни избори.

Но, овојпат такво барање не испорачуваа ДУИ и опозицијата, ниту заговараа ВМРО и власта, која претходно тврдеше дека ќе прифати предвремени парламентарни избори веднаш по локалните избори само доколку опозицијата победи на локалните избори и така ја делигитимира власта.

Со оглед дека, слободно може да се каже, владејачките партии победија на локалните избори, темата за брзи парламентарни избори се наметна во форма на предвидување или проценка на одредени аналитичари, кои ја прифатија логиката дека власта можеби ќе сака да го искористи успехот на локалните избори за да ѝ зададе целосен нокаут на опозицијата.

Сепак, тоа повторно не се случи, односно власта повторно остана на позицијата дека предвремени парламентарни избори ќе нема, бидејќи, според нив, нема потреба од избори, туку од работа со цел консолидација, реформирање и развој на државата.

ТРИГЕР ЗА ИЗБОРИ

Во таа насока, премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во едно телевизиско интервју дури беше категоричен дека неодговорно би било да оди на вонредни избори, кога, како што рече, колку на долго и широко говорел колку се тешки состојбите во земјата во разни сфери.

Арно ама, токму една негова изјава дадена неколку месеци подоцна повторно ја воскресна темата дали ќе се одржат предвремени парламентарни избори.

Имено, одговарајќи на новинарско прашање околу изјавата на лидерот на СДСМ Венко Филипче, кој рече дека не гледа каде Бугарија го негира македонскиот идентитет, Мицкоски во мај годинава посочи:

„Јас жалам што тие повторно одлучија да коленичат на туѓите интереси наместо да застанат рамо до рамо со Владата, во одбрана на националните интереси. Но, добра вест е што набрзо ќе има избори, по тие избори партијата што тој ја предводи ќе се маргинализира.

И јас се надевам дека и тој и таквите како него засекогаш ќе исчезнат од политиката и ќе дојдат луѓе што си ја сакаат, си ја љубат татковината, кои се вистински патриоти и кои ќе се борат за оваа држава…“.

Додека многумина во оваа изјава на Мицкоски препознаа најава за предвремени парламентарни избори наскоро, самиот тој еден ден подоцна изјави дека негова желба е да има редовни парламантарни избори во 2028 година.

–Некои од партиите се исплашија од таа изјава за избори. Но, мојот став го знаете, дека оваа година избори нема. Оваа година е реформска година и година на консолидирање.

Она што ние сега го правиме и она што го има нашиот фокус е да испорачаме реформи и да ја зголемиме економската активност и да го зголемиме стандардот на граѓаните – рече премиерот.

Па, од неговата изјава може да се извлече заклучок со 2 елементи: премиерот тврди дека оваа 2026 година сигурно нема да има предвремени парламентарни избори, а, барем, како што јавно говори, лично посакува тие да бидат во редовниот термин во 2028 година.

Арно ама, дали тоа значи дека вонредни парламентарни избори ќе има во следната 2027 година?

–Ништо не е исклучено – одговорил Мицкоски деновиве на брифинг со новинари, во однос на прашањето дали се можни предвремени парламентарни избори на пролет следната 2027 година, додавајќи:

„Влеговме во втората половина на мандатот на оваа Влада и логично е дека се подготвуваме за избори. Сериозна партија секогаш се подготвува за избори во втора половина од мандатот.

Граѓаните не сакаат предвремени избори, но кога ќе се случат, тогаш се определуваат. Не знам која би била причината за предвремени избори. Ние одиме на редовни, но ако се случи некаков тригер…“.

А, ако власта веќе реши да оди на вонредни избори, многу лесно може да најде тригер во наводната предавничка и мекотелска политика на опозицијата, во расчистување на т.н. талог во општеството итн.

АНКЕТИ И РЕЈТИНЗИ

Инаку, во прилог на можноста дека следната година ќе биде изборна, одат повеќе наводи, кои не се толку поврзани со опозициските тези дека нема пари во буџетот, дека се смениле регионалните околности со падот на Виктор Орбан, дека се избегнуваат обврските поврзани со евроинтеграцискиот процес, иако Бугарија добила стабилна влада на чело со Румен Радев…

Наспроти ваквите и слични опозициски наративи, може да се издвојат неколку причини што ја прават поверојатна опцијата за предвремени избори следната година, кои имаат врска исклучиво со интересите на власта и се во доменот на политичката стратегија на владејачките партии.

Прво, анкетите покажуваат дека ВМРО-ДПМНЕ сè уште има убедлива и комотна предност пред СДСМ, додека во албанскиот блок, соодносот меѓу ДУИ и ВЛЕН е безмалку изедначен, со тоа што на неколку последни анкети се прикажува минимална предност на ВЛЕН пред ДУИ.

Во тој контекст, Мицкоски брифираше дека нивните анкети покажале оти ВМРО-ДПМНЕ моментално има рејтинг од 25,5 отсто, СДСМ од 8,6 отсто, Левица од околу 6 отсто, ЗНАМ од над 2 отсто, а ДУИ и ВЛЕН се на околу 8 отсто, што, ако овие анкети се точни, значи дека падот на власта не се одвива ни од далеку со такво темпо како што посакува опозицијата.

Воедно, треба да се има на ум дека сите споменати политички партии во изминатиов период беа во процес на внатрешно реструктурирање и кадровско реновирање (ВМРО и ДУИ избра нови партиски тела, СДСМ промовираше платформа, ВЛЕН се трансформираше во партија), што може да се толкува и како нивна подготовка за изборна пресметка во секој миг.

Кога сето тоа ќе се земе во обѕир, многу лесно владејачките ВМРО и ВЛЕН би можеле да пресечат за вонредни парламентарни избори, бидејќи, и покрај нивните декларативни настапи дека е време за реформи и резултати, целта на секоја политичка партија е максимално да ги капитализира поволните рејтинзи.

Од друга страна, пак, и опозицијата може да најде некаков свој интерес при ваков расплет, односно ДУИ да се надева дека по нови избори повторно ќе стане дел од власта, а СДСМ, ако ништо друго, барем ќе има можност да го подобри резултатот од изминатите изборни циклуси и така да ги замолчи критичарите, како и да избере пратеничка група која повеќе би била по мерка на партиското раководство на чело со Филипче.

ИЗБОРНИ РОКОВИ

Понатаму, постои и друг корпус на аргументи кои може да расчистат одредени дилеми кај власта дали да оди на предвремени парламентарни избори следната 2027 година или да го чека редовниот термин во 2028 година, а тие се поврзани со политичките и изборните рокови и динамики во следниот период.

Како што е познато, освен што се избра нов пратенички состав и потоа нова влада, во првата половина на 2024 година се избра и нов претседател на државата, т.е. нова претседателка стана Гордана Сиљановска – Давкова, поддржана од тогаш опозициската, а денес владејачката коалиција.

Меѓутоа, мандатот на собранискиот состав и на владиниот кабинет не се преклопува со оној на претседателот на државата.

Поточно, мандатот на пратениците и членовите на владата може трае максимум 4 години или помалку доколку собранието не се самораспушти, или, пак, ако парламентот не ѝ изгласа недоверба на владата.

Што се однесува до шефот на државата, тој има мандат од 5 години и може да се скрати ако, меѓу другото, претседателот поднесе оставка, или, пак, му биде покренат импичмент за повреда на Уставот, за што е потребно двотретинско мнозинство во парламентот и одлука на Уставниот суд. Сепак, досега такво нешто не се случило.

Нејсе, согласно роковите, произлегува дека ако редовниот термин за следни парламентарни избори е во 2028 година, веќе во следната 2029 година доаѓа редовниот термин за избор на нов шеф на државата.

Поради цензусот од 40 отсто за успешен избор на претседател, пред секои претседателски избори постои неизвесност дали изборите ќе бидат успешни и не, особено доколку една страна на политичкиот спектар најавува и се заканува со бојкот.

Дури и да нема такви закани, секогаш има ризик и виси опасноста дека претседателските избори ќе бидат неуспешни поради нивната помала атрактивност во споредба со другите избори, пред се во споредба со парламентарните.

Токму затоа, во минатото се создаде еден вид практика претседателските избори да се спојуваат со парламентарни и/или со локални избори.

Конкретно, во плуралната историја, 3 пати се одржале само претседателски избори (1999, 2004 и 2019), додека 4 пати тие биле споени со други избори, со тоа што еднаш биле споени со локални избори (2009), а 3 пати со парламентарни избори (1994, 2014 и 2024).

Притоа, вреди да се посочи дека во истиот период немало предвремени локални избори, бидејќи кратењето на мандатите на градоначалниците и советниците не е едноставно како распуштањето на парламентот. Станува збор за комплицирана операција како уставно-правен аспект, така и од оперативен аспект.

Оттука, само теоретска е можноста следните редовни претседателски избори во 2029 година да се спојат со локални избори, од причина што за тоа би требало да се скратат мандатите на градоначалниците и советниците за 6 месеци, што е преголем период за да може да се изврши просто усогласување на изборните рокови без да се прибегне кон специфични законски интервенции.

ПЛАНОВИ И АМБИЦИИ

Во таква ситуација, за да не се одржат само претседателски избори со ризик да пропаднат поради непостигнат цензус, постојат 2 потенцијални солуции.

Едната е претседателката Сиљановска-Давкова да си поднесе оставка една година пред истекот на нејзиниот 5-годишен мандат и така да се одржат предвремени претседателски избори во пакет со редовни парламентарни избори во 2028 година.

И, другата опција е да има предвремени парламентарни избори заедно со редовните претседателски избори во 2029 година.

Доколку следните парламентарни избори бидат во редовниот термин во 2028 година, тогаш, за да има двојни избори во 2029 година, ќе треба да се одржат уште едни предвремени парламентарни избори само една година по редовните.

Во таа смисла, многу поголем политички резон има следната 2027 година да се одржат само предвремени парламентарни избори, па во 2029 година да има нови предвремени парламентарни избори заедно со редовните претседателски избори, што би значело дека 3 циклуси на парламентарни избори, почнувајќи од 2024 до 2029 година, би се одржувале на период од околу 2 години.

Дополнително, власта би влегла како голем фаворит на првите избори во 2027 година, при што речиси незначително влијание би имал фактот што изборите ќе ги организира техничка влада со учество на опозицијата, додека на изборите во 2029 година, кога можеби власта би била далеку поранлива отколку што е денес, веќе нема да постои техничката влада според пржински формат.

Иако сценариото за предвремени парламентарни избори и во 2027 и во 2029 година делува крајно возможно од денешна перспектива, сепак, крајниот епилог ќе зависи и од тоа што во меѓувреме ќе се случува и на практичен план, бидејќи само неколку настани може да урнат навидум предвидливи партиски планови и стратегии.

Исто така, во овие планови и стратегии треба да се вклопат и личните планови и амбиции на водечките луѓе во политиката, пред се на оние во власта, од кои всушност зависи дали ќе има вонредни избори, т.е. кога ќе бидат следните избори.

Во крајна линија, тоа ќе зависи пред се од Мицкоски, односно од тоа дали ќе остане на одлуката дека ова му е последен мандат на чело на ВМРО-ДПМНЕ, што отвора други прашања – дали целосно ќе се пензионира за 4 години, дали би останал премиер откако партијата би добила нов лидер, дали можеби ќе влезе во трка за шеф на државата…?

Унгарско сценарио во Македонија: Можно ли е опозицијата да се обедини во широк фронт за промена на власта?

Слични вести