Текстот е објавен на 04 јуни, 2026 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1.600.
Поради неконкурентноста на СДСМ во однос на ВМРО-ДПМНЕ, во рамки на левицата се издвоени неколку неформални групи, кои разгледуваат различни варијанти како да се консолидира СДСМ, но и како да се факторизира левицата. Иако темата за широк опозициски фронт, платформа или движење по примерот на она на Петар Маѓар во Унгарија е сè поприсутна во јавните дебати, сепак, прашање е колку таа е остварлива, барем во овој политички момент и во вакви околности, бидејќи тоа подразбира вклучување и соработка на сите опозициски сили. Колку всушност опозициските партии моментално се подготвени да се здружат во еден сојуз за промени, каде што би привлекле и граѓански иницијативи и независни интелектуалци? Освен што можеби е оптоварен од одредени нетранспарентни обврски, дали СДСМ има и себични мотиви да не влезе во фронт со многу субјекти, каде што уште повеќе би загубила влијание и тежина? Потоа, зошто и Левица би влегла во широка коалиција, кога нејзината примарна цел да се позиционира како главна партија во левицата сè уште не е остварена? Конечно, дали целта на ДУИ е враќање на власт преку целосни промени со здружени опозициски сили или, пак, преку пакт со ВМРО-ДПМНЕ?
Пишувал: Влатко СТОЈАНОВСКИ
Кога „Фокус“ пред нецели 2 години ја објави сторијата што содржеше ексклузивни детали од неуспешната операција на тогашната влада на СДСМ и ДУИ за враќање во земјава на поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, речиси сите директни учесници во овој политички проект одлучија да молчат, со исклучок на одредени претставници на „интегративците“.
За потсетување, актуелниот потпретседател на ДУИ, Бујар Османи, во обид да ги дискредитира и релативизира објавените информации, тогаш тврдеше дека текстот повеќе наликувал на сценарио за снимање филм на „Нетфликс“, отколку на реален настан. Истовремено, со реакција се јави и актуелниот пратеник и поранешен градоначалник на Сарај, Блерим Беџети, кој беше споменат во специфичен контекст.
Имено, според сознанијата до кои дојдовме од повеќе упатени извори, во претседателската вила на Водно се одржала средба на која присуствувале Стево Пендаровски, Димитар Ковачевски, Али Ахмети, Бојан Маричиќ, Артан Груби, Анџела Агелер и Дејвид Гир. Притоа, Ахмети посочил дека Груевски може да се врати на 2 начина – преку помилување од претседателот или преку судовите.
Всушност, како што своевремено обелоденивме, ова бил најсензитивниот дел на средбата, кој бил пробиен од страна на рамковно вработен административец од огранокот на ДУИ во Сарај, каде што алфа и омега многу години бил и можеби сè уште е Беџети. Додека траеле разговорите, ова лице влегло во кабина на преведувач и успеал да го сними разговорот со телефон.
Подоцна, содржината од аудиоснимката завршува во рацете на Христијан Мицкоски, бидејќи во тоа време „огнените“ се во конфликт со Груби, Османи, па и со Ахмети. Токму поради овој дел, реагираше Беџети, кој дури и најави тужба за клевета. Се разбира, до тужба никогаш не дојде, бидејќи сите споменати лица, вклучително и тој, знаат дека сè што беше објавено е целосно точно и вистиното.
Со текот на времето, дел од директните учесници во фамозните разговори за враќање на Груевски, во контекст на уставните измени за вметнување на Бугарите во Уставот со цел отпочнување на преговори со ЕУ, јавно ги потврдија публикуваните информации. Еден од нив е тогашниот шеф на државата Пендаровски, кој деновиве во потврди дека се одржала средба на која станало збор и за Груевски, а го спомена и Беџети.
ВРАЌАЊЕ НА ГРУЕВСКИ
Откако ги изнесе своите размислувања во однос на „аферата“ со шпионажа во кабинетот на актуелната претседателка Гордана Сиљановска-Давкова, Пендаровски во интервју на „360 Степени“ беше прашан дали може да се извлече паралела меѓу овој и случајот во негово време, кога исто така имаше протекување информации, бидејќи била создадена и изнесена аудиоснимка од состанок со државно-политичкиот врв и високи претставници на дипломатскиот кор?
– Стануваше збор за еден вработен во кабинетот кој бил припадник на „огнената група“, која беше зачетокот на ВЛЕН. Тој, гледајќи дека на состанокот доаѓа и Ахмети, од кабината на преведувачот успеал да сними неколку акценти од излагањето на Ахмети, за да може тоа партиски, политички да го употреби на другата страна, контрастраната од ДУИ… Потоа беше истеран од кабинетот – рече тој.
На прашањето дали го суспендирал или самиот заминал кај Блерим Беџети во Сарај, одговори дека случајот бил третиран како дисциплинска повреда потешка од работниот однос и патем додаде: „Беше вратен таму и тоа беше практично. Сега да не испадне дека се шегувам на таа тема, меѓутоа во тоа беше пародијата… Беџети во тоа време беше дел од „огнената група“, подоцна се врати во ДУИ и беше малку една контроверзна ситуација…“
Оттука, Пенадровски го споменува Беџети токму кога говори како, зошто и од кого се пробива средбата и како информациите стигнуваат во тогашниот опозициски табор, а воедно открива и како течеле разговорите за враќање на Груевски. Во таа насока, вели дека уште тогаш предочил оти нема никаква намера да го помилува експремиерот, кој доби азил во Унгарија и веќе неколку години живее во Будимпешта.
– Груевски во тој момент веќе има 2 правосилни пресуди и може да се врати само на 2 начина – ако јас го помилувам или ако донесат закон за амнестија во Собрание… И сега јас на почетокот велам ќе ми дозволите неколку позиции да објаснам… И меѓу другите работи велам: слушам дека некаде има шпекулации дека треба јас да го помилувам Груевски зашто така е најбрзо да ја завршиме работава, па тој ќе дојде, ќе ги убеди пратениците на ВМРО, извесна бројка и ќе се гласаат измените.
Јас реков на тоа да не смета никој, Груевски во ниедна варијанта немам намера да го помилувам. Ако сакате толку закон за амнестија, во парламент имате доволно мнозинство, терајте… Средбата е како до уставни промени. Што мислите вие, прашуваа странците. И тие даваа свои предлози, да не откривам детали, значи и (Анџела) Агелер и (Дејвид) Гир даваа свои предлози како полесно до таа варијанта или прашуваа – а зошто не би направиле вака? – објасни Пендаровски.
ЗАЕДНИЧКО ВЛАДЕЕЊЕ
Инаку, мора да се потенцира дека политичкиот проект за враќање на Груевски, со цел да се обезбеди можност за полесно постигнување на двотретинско мнозинство за уставни измени, но и да се подели и на тој начин порази конкурентската ВМРО-ДПМНЕ, главно го туркаше ДУИ на Ахмети, со поддршка на тогашното раководство на СДСМ предводено од тогашниот премиер Димитар Ковачевски и генералниот секретар Миле Зечевиќ, што очигледно имало амин и од меѓународна заедница.
Арно ама, против овој план не беше само ВМРО-ДПМНЕ, која требаше да биде и најголема жртва ако тоа успееше, туку и влијателни сегменти од тогаш владејачките партии. Доколку веќе беше посочено дека против била тогашната „огнена група“ во ДУИ предводена од Беџети и Изет Меџити (Беџети подоцна се смири со Ахмети, а Меџити стана дел и копретседател на ВЛЕН), против беше и структура на СДСМ каде што влијание имаше поранешниот партиски лидер и премиер Зоран Заев.
Како што е познато, Заев туркаше поинакво сценарио за заедничко владеење на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ по германски модел, чија цел, меѓу другото, беше исклучување на ДУИ од власта. Сепак, ваквиот план не му помина ниту во матичната партија, а за една средба на Бихаќка, кога Заев неуспешно ги убедувал сопартијците, беа обелоденети детали во јавноста, благодарение на тогашниот врв на СДСМ, кој беше против ваква комбинаторика за задржување на власта, односно поблизок им беше концептот за враќање на Груевски како средство за остварување на истата цел.
–Идејата за широка коалиција е дискутирана меѓу Заев и Мицкоски, да се направи широка коалиција и 2 точки има тој речиси неформален договор. Прво, денес Бугари во Уставот, утре предвремени избори. ВМРО добива избори година дена минимум порано од регуларниот термин, а политичкиот товар го поднесуваме сите и после тоа тераме не само кон ЕУ, туку и без таков товар тераме во развој на државата многу побрзо… Заев го објаснувал тоа во тогашниот врв на СДСМ и во Владата – рече Пендаровски.
Што од сето тоа испадна на крајот? Ако гледаме формално, веројатно треба да се одговори ништо, бидејќи ниту се формираше заедничка влада меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ со албански партнер што не е ДУИ, ниту, пак, се создадоа неопходните услови и претпоставки за враќање на Груевски, со тоа што и едната и другата варијанта се поврзуваа со процесот на уставни измени, кои исто така не се случија. Меѓутоа, дали целосно истото може да се каже ако работите се погледнат од малку поинаков и посуштински аспект?
Веднаш по политичките промени, кои резултираа и со промена на раководството на СДСМ, почнаа да се пласираат тези дека СДСМ на чело со Венко Филипче ќе биде под контрола на Заев. Ако е така, тогаш автоматски се наметнуваше дилема дали партијата ќе биде формално во опозиција, но реално ќе дејствува усогласено со власта на ВМРО-ДПМНЕ, односно како скриен партнер во владата? Од една страна, власта така би добила конструктивна опозиција, а некои опозиционери за возврат би добиле мирен сон…
НЕФОРМАЛНИ ГРУПИ
Дека има таен пакт меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, или меѓу Мицкоски и Заев-Филипче, сеедно, јавно говореа и обвинуваа повеќе партии и многумина сегашни и поранешни функционери, меѓу кои и социјалдемократи, како што се поранешните градоначалници Петре Шилегов и Костадин Костадинов. Иако и Филипче велеше дека е свесен оти постои перцепција за синхронизација на СДСМ со ВМРО-ДПМНЕ, сепак, уверуваше дека тоа е само перцепција. За да го разбие таквиот впечаток, СДСМ ја радикализираше реториката по локалните избори.
Како и да е, многумина сè уште веруваат дека постои начелен договор за соработка меѓу двете партии во заднина, додека на јавна сцена се демонстрира лажен конфликт, кој, покрај другото, е во функција и на факторизација на двете партии, од причина што конфронтацијата ги крева партиските рејтинзи. Она што тука се поставува како прашање е, ако навистина постоел или постои договор меѓу најголемата владејачка и најголемата опозициска партија, за што има тврдења и обвинувања, но не и потврда и признание, тогаш за каков договор се работи?
Според дел од инсајдерските информации, овој план или начелен договор за соработка меѓу двете најголеми партии, кој не се оствари официјално, но постојат многу индиции дека се остварува практично, предвидува СДСМ на некој начин да се помири и да го прифати фактот дека ВМРО-ДПМНЕ ќе владее најмалку 2 мандати, со тоа што во тој период социјалдемократите треба да внимаваат да не им се случи целосен крах, па нивното место да го зазеде Левица на Димитар Апасиев или, пак, некаков опозициски фронт, каков што се заговара во одредени политички кругови.
Дали поради искрено убедување дека Филипче е несоодветен лидер на СДСМ, дали поради неостварени лични амбиции, дали поради нешто трето или поради комбинација на разни причини, во СДСМ и пошироко во левицата се издвоени неколку сериозни неформални групи, кои разгледуваат различни варијанти како да се консолицира СДСМ и како да се факторизира левицата, со цел да му се парира на ВМРО-ДПМНЕ, која моментално нема сериозна конкуренција на политичката сцена. За што станува збор?
„Фокус“ веќе пишуваше за една од овие иницијативи, која првично ја иницираа поранешниот генерален секретар на СДСМ Андреј Петров и екс потпретседателот на партијата, Игор Ивановски, а во нивното најблиско опкружување има уште неколку поранешни високи функционери на Бихаќка. Во меѓувреме, дознаваме дека Петров делумно се пасивизирал, па цела работа моментално ја води Ивановски, кој се обидува да привлече што поголем број луѓе што ќе настапуваат во јавност и ќе се залагаат за промени во СДСМ и за обединување на левицата.
Што се однесува до втората неформална групација, таму може неофицијално да се вброи градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски, како и повеќе поранешни градоначалници на СДСМ, кои претежно важат блиски до екс шефот на полицијата и актуелен пратеник Оливер Спасовски. Во изминатиот период, Митовски влезе во отворен конфликт со Филипче поради идејата за отворање на рудник во Луке, што за познавачите на политичките прилики беше малку чудно, имајќи во предвид дека тој важи за близок за Љупчо Николовски, кој, пак, е на редовна линија со Заев. Затоа, тие се прашуваа дали можеби до некаде е расипана калимерата и меѓу Филипче и Заев?
НОВА ПЛАТФОРМА
Нејсе, откако Филипче му порача дека е неспособен да се справи со десетина крави, а камоли со рудник, Митовски во еден јавен настап неодамна ја спушти топката, изјавувајќи дека неговите релации со Филипче се принципиелни и дека никогаш не биле со лоша намера. Во таа пригода, изрази жалење за ситуацијата во која се наоѓа СДСМ и најави дека ќе работи на консолидација на партијата. Но, истовремено посочи дека можеби во земјава ќе дојде време да формирање нова платформа, според трендовите во регионот и пошироко во Европа.
–Генералниот тренд во Европа, она што се случува со Румен Радев во Бугарија, или она со Петар Маѓар, може тоа е генералниот тренд што луѓето ќе го гледаат како алтернатива и опција за спас и во Македонија. Сметам дека пораката што ни ја испратија граѓаните на локалните избори со неизлезноста е дека се разочарани и од СДСМ и од ВМРО. Тоа е доволна порака дека луѓето можеби ќе бараат опција во некакво следно такво движење, тоа е тренд во Европа и можеби Македонија нема да биде изоставена – рече тој.
Еден од оние што се споменуваат како можен фронтмен или битен дел од некаков натпартиски опозициски блок е и веќе споменатиот Пендаровски, кој изјави дека следниве парламентарни избори ќе бидат лакмус дали СДСМ е дефинитивно консолидирана. Според него, нема друг начин опозицијата, ваква каква што е последниве години, да го победи ВМРО-ДПМНЕ освен ако не се обедини. Одговарајќи на прашањето дали има амбиција за реактивирање во политиката, тој рече:
„Јас би се вратил во политика само под еден услов: ако се создадат услови да се формира сериозна, широка, голема опозициска коалиција, која ќе има шанси да ја собори оваа власт. Немам друга причина да се враќам во политика. Во овој момент, ако ме прашувате или ако е тоа вашето следно прашање, денес не гледам дека има такви претпоставки. Но, не исклучувам дека такви претпоставки ќе се формираат можеби наредната година или таа потоа…“
Иако темата за опозициски фронт, платформа или движење е се поприсутна во јавните дебати, сепак, прашање е колку таа е остварлива барем во овој политички момент и во вакви околности? За да се формира натпартиска платформа или пошироко движење, какво што беше успешно покренато во Унгарија за уривање на Виктор Орбан и како што можеби ќе се формира во Србија за детронизирање на Александар Вучиќ, подразбира да се вклучат буквално сите опозициски сили.
Но, колку опозициските партии моментално се подготвени да се здружат во еден поширок и обединет сојуз за промени, каде што би привлекле и граѓански иницијативи и независни интелектуалци? Освен што можеби е оптоварен од одредени нетранспарентни обврски, СДСМ има и себични мотиви да не влезе во фронт со многу субјекти, каде што уште повеќе би загубила влијание и тежина? Потоа, зошто и Левица би влегла во широка коалиција, кога нејзината примарна цел да се позиционира како главна партија во левицата сè уште не е остварена? Конечно, дали целта на ДУИ е враќање на власт преку целосни промени со здружени опозициски сили или, пак, преку пакт со ВМРО-ДПМНЕ?