Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, при една работната посета на општина Велес, истакна дека ЈП за државни патишта работи на решението за изградба на нов мост кај Башино село, еден од влезовите во Велес.
“Изградбата на нов мост кај Башино село ни е изборно ветување. Во моментов ЈП за државни патишта работи на проектирање на нов мост и со буџетот за следната година очекувам да се избере изведувач кој ќе го изгради овој мост како капитален објект кој е потребен на општина Велес. Стариот мост не може да се реконструира и затоа е потребно изградба на нов мост”, истака министерот Николоски.
После две години од неговата изјава, влезот кон Велес нема нов мост. Ниту имаше буџетирање за 2025, ниту за 2026 година, а според последните информации мостот ќе почне да се гради најрано во вториот квартал на 2027 година.
Го прашавме Јавното претпријатие за државни патишта до каде е постапката за проектирање и избор на изведувач, а оттаму одговорија:
„Во однос на изградба на нов мост на река Вардар кај Башино село ве известуваме дека рокот за проектирање е до 03.12.2026 година. По изработка на проектот, вадењето на сите неопходни дозволи и обезбедувањето на финансиски средства ќе се пристапи кон јавна набавка за изградба на новиот мост“, велат од ЈПДП за „Фокус“.
Ветувањето на Николоски се уште не е остварено, но барем ЈПДП успеа навреме да го санира стариот мост за колку толку Велес да не остане само со два влеза во градот кои сепак не се наменети за движење на тешки товарни возила.
По зајканувањето на неговата долна конструкција, односно гредите и столбовите, мостот издржува товар до 40 тони и граѓаните можат безбедно да се движат.
Мостот е изграден во 1971 година, пред повеќе од 5 децении. Во последните 15 години беше високо ризичен за минувачите, поради што Владата, по препорака на Градежниот факултет, во јануари 202 беше задолжена да го затвори.
– По 6 месеци повторно сме тука, со исполнето ветување кое тогаш го дадовме пред граѓаните. Ги завршивме работите на мостот многу побрзо од што се очекуваше. Се зајакнаа гредите и столбовите и сега мостот е стабилен и функционално е многу јак – истакна директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Коце Трајановски на почетокот од јули 2025 година кој исто така утна во прогнозата за изградба на новиот мост.
Тој тогаш најави дека во соработка со Министерството за транспорт веќе е во фаза проектирање на нов мост и рече дека се надева дека во втората половина на годината ќе се објави тендерот за изградба на мостот и тоа по нова технологија, што досега не сме ја имале во земјава .
Инаку, до јули 2027 година, избраниот проектант од страна на ЈПДП треба да изработи проектна документација а рехабилитација и поправка на автопат А2, Обиколница на Скопје за двата коловоза.
„По завршувањето на проектот и добивањето на проектната документација, како и обезбедувањето на финансиски средства ќе се создадат услови за спроведување на постапка за избор на Изведувач за рехабилитација на обиколницата“, информираа од ЈПДП.
О.К.