Текстот е објавен во неделникот ,,Фокус”, на 23 октомври 2025 година, во бројот 1568.
Пишувала: Валентина ВУРМО
„Ова е мал чекор за човекот, но голем за човештвото!“.
Со цитатот на Нил Армстронг не најавувам историски настан поврзан со некаков нов подвиг на Месечината, туку еден значаен чекор, на двајца жители на Скопје, кои со своите адвокатски тимови, успеаја да издејствуваат прва победа против државата поврзана со загадениот воздух.
Нивните индивидуални чекори се значајно поместување за сите граѓани во државата, бидејќи добија судска одлука со која на државата ѝ се наложува конечно нешто да преземе со загадениот воздух.
Ова се први пресуди поврзани со уставното право за здрава животна средина, а со кои граѓаните конечно, за првпат, ја победија државата на суд.
Иако во поднесените тужби се бараше одговорност од повеќе државни институции, сепак Управниот суд, како единствен „виновник“ ја прогласи владата.
ВЛАДАТА Е ВИНОВНА!
Сè почна пред пет години, кога неколкумина адвокати, од адвокатските друштва „Бона Фиде“ и „Гоџо, Кичеец и Новакоски“ го прифаќаат предизвикот и застапуваат неколкумина граѓани, преку 11 предмети пред Управниот суд.
Тогаш судот застана од страна на државата, односно донесе одбивателни пресуди. Но, лани, Врховниот суд ги врати предметите во живот, носејќи Начелен став, со кој утврди дека државата е должна да обезбеди здрава животна средина, а непреземањето дејствија го утврди како повреда на правата на граѓаните.
Тоа значеше дека Управниот суд ќе мора повторно да ги разгледа тужбите по што го смени својот првичен став и вината ја насочи кон владата. Ако се земе предвид периодот што е опфатен, значи дека прстот на вина е вперен кон трите изминати влади, почнувајќи со онаа на Зоран Заев, Димитар Ковачевски и завршувајќи со последната на Христијан Мицкоски.
Двете пресуди до кои дојде „Фокус“ се донесени во мај годинава од Управниот суд. Пресудите се речиси идентични, а се разликуваат само по подносителот на тужбите, бидејќи во едниот случај станува збор за жител на Аеродром, а во другиот на Гази Баба.
Решението на Управниот суд е дека:
„Предлогот на предлагачот за заштита поради незаконско дејствие на владата се уважува. Се задолжува владата да донесе Национален план за заштита на амбиенталниот воздух со рок на важење од најмалку 5 години“.
СЀ ПОЧНА ПРЕД 5 ГОДИНИ
Првата тужба во Управниот суд беше поднесена во март 2020 година од засегната скопјанка, и тоа против државата, претседателот на владата, министерот за животна средина и директорот на Државниот инспекторат за животна средина.
Формално, се однесуваше на заштита поради незаконско дејствие, кое се состои од непреземање дејствија за исполнување законски предвидената обврска за обезбедување услови за остварување на правото на здрава животна средина.
Имено, жителка на Карпош навела дека ѝ било попречено и оневозможено правото на здрава животна средина, во реонот во кој живее, а, од друга страна, немала можност да се обрати до кој било надлежен орган со цел да го оствари своето право.
За да го поткрепи своето тврдење, скопјанката се повикува на податоците од мерната станица поставена во општината, истакнувајќи дека загадувањето трае уште од 2012 година и сѐ уште продолжува.
Таа, освен на Уставот, се повикува на неколку законски решенија, според кои, се уредува должноста на надлежните да ја спречат ваквата состојба.
„Во Законот за квалитет на амбиентен воздух се предвидува должност на надлежните органи да ги преземат сите неопходни мерки, со цел да не дојде до надминување на граничните и целните вредности за загадувачките супстанции во воздухот“, наведува засегнатата скопјанка.
Таа ги набројува и сите национални и акциски планови што требало да ги донесе државата, како мерки во борбата против загадувањето.
Потенцира дека во 2013 година бил донесен Национален план за заштита на амбиентниот воздух, со рок од 5 години, потенцирајќи дека по истекот на рокот, планот никогаш не бил обновен од владата.
„Со пропуштање на ова дејствие, Републиката нема основен стратешки документ за заштита на воздухот, а со тоа нема ни предвидено стратешки мерки, кои би биле одговор на постојаните и повторувачки состојби на високото аерозагадување, кое е карактеристично за реонот на Скопје“, наведува подносителката на предлогот.
Таа додава и дека државата има обврска да прибира и споделува информации со јавноста за одлуките важни за животната средина, повикувајќи се на праксата на Европскиот суд за човекови права.
СУДОТ ПРВИЧНО СЕ ПРОГЛАСИ ЗА НЕНАДЛЕЖЕН
Во име на државните институции, „одбраната“ ја дава Државното правобранителство. Оттаму и го оспоруваа правото на скопјанката да поведува управен спор, бидејќи, според нив, не постоел конечен управен акт со кои ѝ биле повредени слободите и правата загарантирани со Уставот, ниту, пак, посочените државни институции презеле некое дејствие со кое ѝ ги повредиле правата. Затоа предлагаа тужбата да се отфрли како неоснована.
Исто така, од правобранителството посочиле дека Судот не може да дава забрани и задолженија на посочените државни институции.
„Судот како судска власт не е надлежен да се меша во работата на извршната власт преку изрекување забрани и задолженија за постапување“, истакнале од Државното правобранителство.
Управниот суд на крајот решава предлогот да го одбие како неоснован. „Во конкретниот случај, на предлагачот не му се спречува или ограничува непосредна слобода или право, затоа што преземањето на дејствијата од страна на тужените органи во насока на превенција и заштита од загадување не значи дека се дејствија што ќе бидат преземени исклучиво за предлагачот“, образложиле од судот.
Па така, судот во појаснувањето на својата одлука вели дека во конкретниот случај не се работи за непосреден, туку за посреден интерес на тужителот. Или, со други зборови, тоа што надлежните институции преземаат или не преземаат мерки за загадувањето, влијае врз целокупното население, а не само врз тужителот.
„Во конкретниот случај, не се работи за поединечен, туку за општ интерес, што значи не е исполнет еден од условите за поднесување предлог за заштита поради незаконско дејствие“, заклучиле од Управниот суд.
ВРХОВНИОТ СУД СЕ ЗАЛОЖИ ЗА ГРАЃАНИТЕ
Но, по ланскиот потег на Врхвниот суд да донесе Начелно правно мислење по ова прашање, се смени толкувањето на Управниот суд.
Сега образложуваат дека квалитетниот амбиентален воздух е темел за здраво општество, одржлива и здрава животна средина и е клучен показател за здравјето на луѓето и состојбата на животната средина.
„За постигнување на целите утврдени со Законот за квалитет на амбиентниот воздух, кои вклучуваат избегнување, спречување и намалување на штетните ефекти врз здравјето на луѓето и животната средина, како и обезбедување соодветна информација за квалитетот на амбиентниот воздух, неопходно е навремено донесување на основните плански документи. За таа цел, првенствено е потребно да се донесе Национален план за заштита на амбиентниот воздух, кој има функција на стратешки документ за долгорочно управување со квалитетот на воздухот на национално ниво, кој, меѓу другото, ги дефинира мерките за подобрување на квалитетот на воздухот на целата територија на државата“, се наведува во пресудата.
Од судот понатаму образложуваат дека Национален план за заштита на амбиентниот воздух го донесува владата на предлог на органот на државната управа надлежен за работите од областа на животната средина, во согласност со органот на државната управа, надлежен за работите од областа на здравството и органот на државната управа надлежен за работите од областа на економијата.
На крајот и Управниот суд утврдува дека последниот Национален план, бил донесен во декември 2012 година со важност до 2018 година, и од тогаш, не е донесен нов Национален план.
Од Министерството за животна средина се одговориле дека била предвидена изработка на нов Национален план и тоа во рамките на проект „Поддршка за имплементација на директивите за квалитет на воздух“ финансиран од Програмата ИПА 2, но се оправдале дека наишле на пречка. Поточно, процесот на избор на изведувач бил поништен во април 2022 година, а сè уште во тек биле промени на проектната задача со цел повторно реобјавување на истиот.
Ова оправдување не поминало кај судот, па како што се посочува, имајќи го предвид фактот дека од 2018 година, најголема одговорност има владата бидејќи таа како највисок претставник на извршната власт, утврдува насоки и ставови со кои се определува начинот на работата на министерствата, другите органи на државната управа и управните организации…
„Тоа значи дека владата со непреземање дејствија за донесување на Националниот план за заштита на амбиентниот воздух, спротивно на материјалниот закон, непосредно го ограничила остварувањето на правата на здрава животна средина, во смисла на член 56 и 62 став 1 од Законот за Управните спорови“, се наведува во одлуката.
За останатите тужени органи, судот пресекува дека тие немаат вина, бидејќи презеле дејствија во смисла на известување, мониторинг,
надзор, спроведување на инспекциски надзор и слично во областа на заштита на животната средина, а редовно се објавуваале и податоци на наведените веб-страници, достапни за јавноста.
Сега топката е префрлена во дворот на Врховниот суд. Тужителите бараат да се утврди одговорност и кај другите тужени државни институции, а од друга страна, пак, Државното правобранителство бара од вина да се ослободи и владата.
ФАТАЛНИ ПОСЛЕДИЦИ ОД ЗАГАДУВАЊЕТО
Секоја година, особено преку зима, проблемот со загадениот воздух станува видлив, и тоа буквално. Жителите на главниот град, но и на голем дел од градовите во внатрешноста, со недели дишат токсичен воздух.
Податоците од последниот Европски извештај за животната средина за 2025 година објавен од Европската агенција за заштита на животната средина се алармантни.
Околу 3.800 животи се губат годишно поради изложеноста на лош квалитет на воздухот и тоа претставува 17,7 отсто од вкупната смртност на населението, што ја прави Македонија меѓу најзагадените земји во Европа. Економските загуби од овие ефекти изнесуваат меѓу 5,2 отсто и 8,5 отсто од бруто националниот производ според процените на Светска банка. Тоа значи дека загадувањето на воздухот чини над половина милијарда долари годишно, пишува во делот на животната средина и клима.
Согласно Светската здравствена организација, ниедно ниво на загадување на воздухот не може да се смета за „безбедно“ и врската меѓу загадувањето на воздухот и респираторните и кардиоваскуларни болести е тесно поврзана.
Последните истражувања покажуваат дека дури и најниските нивоа на загадување на воздухот предизвикуваат значителна штета на здравјето. Со вдишување, честичките патуваат низ крвотокот и предизвикуваат штети на нашите бели дробови и на срцето.
Студиите, исто така, ги поврзуваат суспендираните честички со оштетување на здравиот развој на децата и со болести, како прекумерна тежина и Алцхајмер.
Лошиот квалитет на воздухот е исто така поврзан и со хронични и акутни респираторни заболувања, кои значително го намалуваат квалитетот на животот, како бронхит и влошување на астма. Особено сериозни се последиците што може да ги предизвика кај трудниците.
Истражувањата покажуваат дека честичките од загадувањето на воздухот патуваат низ белите дробови на бремена жена и се сместуваат во нивната плацента, наштетувајќи им на бебињата уште пред да се родат.
Затоа секој мал индивидуален чекор во областа на животната средина се смета за голем за човештвото, бидејќи по децениска стагнација и тапкање во место, државните институции, соочени со судски пресуди, ќе мора да почнат да си ја вршат работата.
Ова право на граѓаните им го гарантира и највисокиот правен акт во државата, Уставот, со член 43.
„Секој човек има право на здрава животна средина. Секој е должен да ја унапредува и штити животната средина и природата. Републиката обезбедува услови за остварување на правото на граѓаните на здрава животна средина“.
Време е пишаното да не остане само на хартија!