Спроти годишнината од ужасната трагедија во дискотеката „Пулс“ во Кочани – најголема во историјата на самостојна Македонија во која загинаа 63, а 218 лица беа повредени, „Фокус“ разговараше со Александар Наунов – еден од родителите кој го загуби своето најмило чедо – ќерката Надица, таа кобна ноќ – на 16 март 2025 година.
Тој е претседател на Здружението на родители „16 Март“ и ги споделува ставовите на сите кочански семејства – кои организирано се обидуваат да стигнат до остварување на нешто што барем малку ќе им ја намали болката од страшната загуба.
Иако, како што вели утеха за таква загуба нема и не може никогаш да има, Наунов искажува благодарност до јавноста и медиумите за несебичната поддршка од нив што ја добиваат во континуитет, но пред за тоа што нивниот глас го наоѓа патот до јавноста која со внимание го следи секој детаљ од случајот „Пулс“.
– Ние не зборуваме само за трагедијата, туку за загубени 63 животи. За соништата што никогаш нема да се остварат. Тоа не беше само несреќа, туку системски пропуст. Тоа беше една голема мрежа каде што видовме дека црната дупка на системот малигно ја зафати нашата општина и пошироко. Ние родителите на трагично загинатите, – членови на здружението испраќаме јасна порака ова никогаш да не се повтори, вели Александар Наунов.
Тагата и болката што ја имаме, дополнува тој, не сакаме никој друг да ја почувствува. И, затоа излегуваме и на маршеви , и сме присутни во јавноста – како потсетување што се (не) се направило за да се дојде до ваква огромна трагедија.
– Треба целосна промена на системот. Да нема партиски вработувања, туку луѓето да се вработуваат по стручност. И, да си ја гледаат својата работа, а не партиските книшки што ги имаат. Затоа што нашите деца загинаа заради нестручност и пропустите.
Наунов е задоволен како досега тече судскиот процес против обвинетитите на кои редовно присуствува. Иако, како што вели утеха за загубата никогаш нема, но очекува правдата треба да биде задоволена.
– Како што досега оди процесот засега е може е задоволително, како и со досегашните сведочења. Верувам во изборот на обвинителството. Ние честопати присуствуваме на сведочењата и сме еден вид поддршка. Веруваме дека нашите 63 загинати и 218 повредени деца не заслужуваат неправда.
Иако, досега помина една година од трагедијата што се случи во дискотеката „Пулс“, за наш и нашите најмили времето како да застана на тој кобен датум. Него го делиме на пред – и потоа. Многу луѓе, нагласува ја разбираат нашата болка и се обидуваат да ни помогнат. Неразбирливо е, смета тој дека, во нив не спаѓаат и највисоките претставници на централната власт. Иако, на локално ниво таа е задоволителна.
– На локално ниво сме задоволни од поддршката – еве и програмата за една година одбележување… Имаме добра координација со општината. За жал од државата не можеме да кажеме ништо позитивно затоа што. Имавме средби со високи функционери меѓу кои и со премиерот, но досега не наидовме на разбирање за нашите барања. Иако таквите барања се поднесоа по иницијатива на пратеникот од нашиот град Миле Лефков. Дојде кај нас со едноставна порака – „напишете ги барањата ние ќе ве удостоиме“. Мислам дека не повикаа за да не најдеме решение, а не да најдеме, потенцира Александар.
подготвија: Зоран Фиданоски и Орце Костов