За целиот период од големата трагедија минатата година, а особено во првите денови по 16 март, Црвениот крст даде сериозна логистичка поддршка за сите повредени и за семејствата на оние што загинаа во „Пулс“. Како доброволци се пријавиле и повеќемина кои деноноќно пружале поддршка.
Меѓу нив и младата Меланија Гичева која доброволно се пријавила да волонтира верувајќи дека на тој начин ќе даде свој придонес во ублажувањето на болката кај сите од големата трагедија. На самиот 16 март, вели, цел ден бевме во болницата во Кочани.
„ На 16 март бевме во болницата во Кочани, каде бевме и поддршка на оние што ги загубија своите најблиски, а бевме и од логистичката поддршка – дававме вода, помагавме неуморно. Истото го прававме и во останатите денови“, вели Меланија.
Во деновите поминати таму освен грижата за другите, се грижеле и за самите нив, за да останат во добра кондиција и да можат да продолжат да пружаат поддршка секому кому му е потребна. Имале и специфични задачи како што подготовка на облеката за починатите.
„Можам да кажам дека волонтерството не е толку лесна работа, како што изгледа. Ти денови ни беа најтешки денови поминати на терен. Искрена да бидам, не бев свесна тогаш дека имам толку енергија и дека така можам да работат. Од денешна перспектива погледнато не би се осмелила можеби, но тогаш сакав само да им помагам на тие што им е најпотребно и прво што го размислив е дека можам да се вклучам во Црвениот крст“.
Ја прашавме и како е да се живее овие денови во Кочани и каде ја гледа својата перспектива како млад човек. Во одговорот беше категорична.
Се наближува датумот, односно 16 март – една година од трагедијата во дискотеката „Пулс“ и како млад човек и активист, најтешко е да се живее со болката која никогаш нема да исчезне. Што се однесува пак до личната перспектива за живеење во оваа држава потполно ми се промени – не сакам повеќе да останам овде, сакам својот живот да го продолжам во друга држава, иако претходно сакав да останам. Но, тоа се смени по се што се случи во последната година.
За животните перспективи со неа се согласува и средношколката Бојана Илиева. Иако, како што вели, искрено не и пречи што се уште е во Кочани. „Лично, искрено не ми пречи, но целиот град за жал враќа некои спомени за луѓето што веќе ги нема. И, ако тоа се земе предвид – не би сакала да продолжам да живеам овде.
Токму спомените на страшната трагедија, се тие што секогаш ќе се навраќаат во мислите на сите млади луѓе. „Спомените никогаш нема да исчезнат – само времето ќе успее да ги залечи раните што настанале од тоа што се случи“, децидна е таа.
Подготвија:
Орце Костов и Зоран Фиданоски