Едно лице загина во тешка сообраќајна несреќа што денеска се случи на загрепската обиколница, на автопатот А3 во правец кон Липовац.
Според информациите од загрепската полиција, во несреќата учествувале пет возила – два камиона и три автомобили. Еден од автомобилите бил целосно уништен во судирот и завршил заглавен под товарно возило.
На местото веднаш пристигнале полицијата, пожарникарите и екипите на Итната медицинска помош. Хрватските медиуми објавија дека, покрај загинатото лице, најмалку уште едно лице било повредено.
Несреќата се случила меѓу клучките Мост Сава и Загреб Исток, на коловозната лента во правец кон Липовац. Поради интервенцијата и полицискиот увид, сообраќајот на оваа делница бил целосно запрен.
Хрватскиот автоклуб соопшти дека се создале колони долги неколку километри. Возилата биле пренасочувани кај клучката Косница, преку Домовинскиот мост, Радничка улица и Славонска авенија, по што повторно можеле да се вклучат на автопатот кај Загреб Исток.