„Мицкоски и Тошковски ја прикриваа вистината за трагедијата во Кочани и правеа сè за да ги заштитат полициските функционери поставени од нив. Наместо итно да се побара одговорност, власта штитеше, молчеше и манипулираше со јавноста. Целта беше јасна – да се спречи вистината, за да се побегне од одговорноста од врвот на власта, до директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев и до министерот Панче Тошковски. Само по силен јавен и политички притисок, на СДСМ и дел од медиумите конечно беа отворени постапки против неколку полициски началници. Сега е јасно како ден дека вината е во врвот на МВР, во врвот на власта и за тоа мора да има кривична, правна и политичка одговорност“ рече на прес-конференција Миле Талески – пратеник од СДСМ.
Вели „директорот на БЈБ, Јанев треба да одговара кривично по закон и хиерархија. Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски мора веднаш да поднесе оставка. Без нивно повлекување, секоја истрага е компромитирана, секоја правда е селективна, како и досега“.
Рече дека „СДСМ ќе ја продолжи борбата за вистината. Најавуваме дека следува продолжение, „Вистината за Кочани 2“ – со нова серија факти и аргументи, со нови информации“.
„Јасно прашуваме: Ќе каже ли ВМРО-ДПМНЕ колку пари во форма на донации земале од осомничените од Пулс? Правда за Кочани мора да има. За Кочани, за жртвите, за семејствата, за правната држава“ порача Талески.