Вицепремиерот и министер за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ на неговиот Фејсбук-профил објави видео од канцеларија во министерството со кое раководи, а во која, како што вели, работеле отпуштените службеници.
Оваа објава на Стоилковиќ следи откако опозициската Демократска унија за интеграција (ДУИ) обвини за дискриминација во Министерството за односи меѓу заедниците, бидејќи се отпуштени седуммина Албанци.
Оваа слика, како што вели Стоилковиќ, ја оставиле тие, откако вчера биле отпуштени од работа.
На видеото се гледа дека покрај канцелариски мебел, во неа се поставени и душеци, како импровизирани кревети, а има и апарати за приготвување чај и тост сендвич.
„Ова е канцеларија во Министерството за односи меѓу заедниците, инаку претворена во ова што гледате, во која ‘работеа‘ вчера отпуштените службеници, кои, по некоја случајност се од ДУИ. По документирање на состојбата истите се испратени да си спијат дома. Толку“, напиша Стоилковиќ на Фејсбук.
Од ДУИ соопштија дека оваа одлука претставува директен удар врз принципите на рамноправност, коегзистенција и правична застапеност и не може да се оправда со невистинити и навредливи оправдувања за јавното мислење, како што е тврдењето за таканаречена „дисциплинска мерка“.