Трамп: САД извршија напади врз цели на Исламска држава во Нигерија

by irena 08:28
08:28

Американскиот претседател Доналд Трамп соопшти дека САД извршиле „моќни и смртоносни“ напади против силите на терористичката организација Исламска држава во Нигерија, откако претходно со недели ја обвинуваше владата на оваа западноафриканска земја дека не успеала да го запре прогонот на христијаните.

– Вечерва, по моја наредба како врховен командант, Соединетите Држави извршија силен и смртоносен удар против терористичкиот џган на Исламската држава во северозападна Нигерија, кој прогонува и свирепо убива, пред сè, невини христијани, на нивоа какви што не се видени со години, па дури и со векови, напиша Трамп на платформата Truth Social.

Тој додаде дека „претходно ги предупредил овие терористи дека ако не го запрат колењето на христијаните, ќе настане пекол“, наведувајќи дека тоа „се случи вечерва“. Трамп исто така изјави дека биле извршени „бројни совршени удари“.

Американската команда за Африка (AFRICOM), која ги надгледува американските воени операции во Африка, соопшти дека нејзината „првична проценка е дека повеќе терористи на Исламската држава се убиени во нивните кампови“ во Нигерија.

Министерот за одбрана на САД, Пит Хегсет, на „Х“ наведе дека американскиот претседател „минатиот месец беше јасен: убивањето невини христијани во Нигерија (и на други места) мора да престане“. Тој додаде дека Исламската држава го дознала тоа „вечерва – на Божиќ“.

– Ќе бидат објавени повеќе информации … Благодарен сум на нигериската влада за поддршката и соработката, рече Хегсет.

Слични вести