(ВИДЕО) Се сруши руски бомбардер – шестмина загинати

by irena 18:39
18:39

Руското Министерство за одбрана денес соопшти дека стратешки бомбардер „Туполев Ту-95“ се урнал во регионот Амур во Русија, северно од Кина, при што загинале шест лица, додека едно преживеало.

„На 29 септември, авион ’Ту-95‘, кој изведувал лет за обука, се урна во ненаселена област во регионот Амур“, соопштија од министерството, а пренесе државната новинска агенција ТАСС.

„Според прелиминарните податоци, загинаа шест члена на екипажот, додека еден е повреден и пренесен во болница“, додадоа од Министерството за одбрана.

Според ТАСС, авионот не носел никаква муниција.

Руските воздухопловни сили испратија делегација на местото на несреќата за да ги истражат околностите што довеле до падот, наведе ТАСС.

Овој неодамнешен инцидент не е прв случај на пад на руски воен авион во регионот во последните месеци.

Во јуни, руски стратешки бомбардер „Ту-22М3“ се урна за време на лет за обука во регионот Иркутск во Сибир, соопшти тогаш руското Министерство за одбрана.

Слични вести