Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, утре во Тирана ќе ја започне својата турнеја низ Западен Балкан, при што ќе се сретне со лидерите на Албанија, Косово, Црна Гора и Македонија.
Поради претстојните парламентарни избори во Србија и во Босна и Херцеговина, Фон дер Лајен планира да ги посети овие земји подоцна, соопшти денеска Европската комисија.
Ова е нејзина шеста годишна турнеја низ Западен Балкан, а фокусот ќе биде ставен на следните чекори неопходни за напредокот на земјите од регионот на патот кон членство во Унијата и на процесот на постепена интеграција, кој се спроведува со поддршка на Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан, вреден шест милијарди евра, се наведува во соопштението.
Првиот ден од турнејата, Фон дер Лајен ќе разговара со албанскиот претседател Бајрам Бегај и со премиерот Еди Рама во Тирана.
Во четврток, во Приштина, таа ќе се сретне со вршителот на должноста претседател на Косово, Вјоса Османи, и со премиерот Албин Курти.
Потоа, истиот ден, ќе отпатува за Подгорица, каде што ќе разговара со претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, и со премиерот Милојко Спајиќ.
Турнејата ќе заврши во Скопје со средби со претседателката на Македонија, Гордана Силјановска-Давкова, и со премиерот Христијан Мицкоски.
За време на посетата на регионот, претседателката на Европската комисија ќе посети проекти финансирани од ЕУ, како што се училиштето во Тирана обновено по земјотресот во 2019 година, новите простории на Природно-математичкиот факултет во Приштина и железничкиот коридор во Македонија.
Во Подгорица, таа ќе присуствува на отворањето на Националниот координативен центар, чија цел е зајакнување на управувањето со границите и подобра размена на информации со земјите-членки на ЕУ и со Фронтекс.