Повеќе од 500 луѓе биле евакуирани синоќа по морски пат од хрватскиот остров Брач, откако голем пожар го загрозил поширокото подрачје на Милна. Две лица се повредени, а утрово ситуацијата на терен е помирна.
Според Хрватската радиотелевизија (ХРТ), 76-годишна жена била примена во болницата во Сплит поради последици од давење и се наоѓа во животна опасност. Млад маж бил медицински третиран поради вдишување чад, по што бил пуштен на домашно лекување.
Во текот на ноќта пожарот се проширил кон заливите во кои се наоѓале голем број луѓе, меѓу кои и странски туристи, поради што била организирана евакуација.
Хрватското Министерство за море и транспорт соопшти дека спасувачката операција започнала околу 22 часот, по повеќе пријави дека голем број луѓе на западната страна на Брач се обидуваат да се засолнат од пожарот. Во евакуацијата учествувале повеќе пловила, меѓу кои и туристички бродови.
Хрватската радиотелевизија објави дека ситуацијата на местото на пожарот на Брач е помирна утрово, вклучително и во Милна, каде што беше критично во текот на изминатата ноќ, а бурата во моментов не го отежнува гаснењето.
Според првичната проценка на Сплитската пристанишна управа, околу 200 лица се нашле во непосредна опасност поради пожарот, меѓу кои деца, повозрасни и болни лица. Од нив, 185 биле преземени и транспортирани со спасувачки пловила на пристанишните служби.
ХРТ објави дека утрово ситуацијата на Брач е помирна, вклучително и во Милна, каде што состојбата во текот на ноќта била критична. Временските услови во моментов не го отежнуваат гаснењето на пожарот.
Во гаснењето од воздух утрово биле вклучени и четири противпожарни авиони.
Според хрватските медиуми, во заливот Осибова огнот зафатил бунгалови и други објекти, а дел од нив целосно изгореле.
Командантот на Противпожарната заедница на Сплитско-далматинската жупанија, Иван Ковачевиќ, за „Слободна Далмација“ изјавил дека повеќе нема отворен пламен и дека пожарникарите работат на догаснување на пожарот.