(ВИДЕО) „Не можеме повеќе да ја чекаме правдата, а таа ни е единственото што ни остана на овој свет“, порача еден од родителите од Кочани

by irena 14:49
14:49

Еден од родителите на денешниот Марш на ангелите во Скопје, еден од родителите на загинатите во дискотеката Пулс од Кочани порача дека овој процес мора да биде транспарентен, непристрасен и правичен, затоа што тоа е долг не само кон нивните деца, туку и кон целото општество.

Потсети дека обвинителниот акт опфаќа 35 лица и три правни субјекти – меѓу кои поранешни министри, градоначалници, директори, инспектори и раководни лица поврзани со ноќниот клуб, кој тој го нарече „клубот на смртта“.

Тој истакна дека корупцијата е најголемото зло кое им ги одзело животите на нивните деца, патувајќи апел до судиите, обвинителите и сите надлежни тела да ја исполнат својата законска и морална обврска.

„Судот мора да обезбеди јавна, ефикасна и непристрасна постапка. Да нема заштитени, да нема притисоци, да нема политички калкулации. Да владеат само вистината и одговорноста.

„Не бараме милост. Бараме правда. Не бараме одмазда. Бараме одговорност. Нашите деца повеќе немаат глас. Затоа ние ќе зборуваме за нив – и нема да замолчиме сè додека правдата не стигне. Зашто правдата за Кочани е правда за сите.“

Над 4000 граѓани им се приклучија на родителите  на загинатите деца на Маршот за ангелите, протестен марш кој денеска се одржа во Скопје во сеќавање на 63-те млади луѓе кои загинаа во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.

Настанот започна во 12:05 часот на плоштадот „Македонија“, по што учесниците се упатија кон парламентот, а маршот заврши  пред Основниот кривичен суд.

Во организација на граѓанските иницијативи „Кој е следен!“ и „16 Март 2025“, ова беше првиот ваков марш во главниот град, после 30 собири што секоја сабота родителите на загинатите ги организираа во Кочани, поддршката од јавноста беше се помала и беа оставени сами на себе.

Родителите изразуваат надеж за масовно учество и нагласуваат дека нивната борба нема да престане сè додека не се утврди целосна одговорност за трагедијата што ги одзеде животите на нивните деца.

Судењето за случајот со пожарот во ноќниот клуб „Пулс“, во кој загинаа 63 лица, а околу 200 беа повредени ќе почне на 19 ноември.

текст и видео: Орце Костов

Слични вести