(ВИДЕО) “Граѓаните поминаа 99 километри во бол и тага, а пратениците со 99 изговори, тие не можат да ја разберат болката на Кочанчани“

by irena 14:42
14:42

 

На денешниот „Марш на ангелите“ во Скопје, еден од демонстрантите со длабока порака исполнета со гнев и болка откри со што се справуваат родителите и роднините на загинатите млади луѓе во пожарот во Кочани барајќи правда за своите деца повеќе од шест месеци.

„Овие 99 километри од Плоштадот на Револуцијата во Кочани до Скопје ги поминавме низ наша внатрешна револуција. 99 километри тага, молк, солзи, бес и гнев. Но и 99 километри надеж – надеж дека нема да заборавиме, дека нема да се откажеме, дека конечно во оваа држава ќе има процес во кој сите одговорни ќе одговараат,“ порача демонстрантот.

Во неговиот говор најсилно одекна критиката кон народните избраници. „Знаете кој не ги помина тие 99 километри? Пратениците во ова Собрание. Не ги поминаа, па затоа не можат да ја разберат болката што овие луѓе ја преживеаја. Не дојдоа да не видат, да не слушнат, да се обидат да помогнат,“ рече тој, додавајќи дека кога станува збор за приватни интереси, пратениците секогаш знаат да соберат мнозинство – но кога треба да се помогне на најранливите, секогаш има „99 изговори“.

„Не смееме да ги оставиме сами овие луѓе. Овие 99 километри ми покажаа дека не смееме. Не смееме да дозволиме овие луѓе да чекорат сами по кочанските улици. Ако системот не нуди решенија – треба да го смениме. Да изградиме заедница во која најдобрата алтернатива нема да биде авионска карта во еден правец“.

Над 4000 граѓани им се приклучија на родителите  на загинатите деца на Маршот за ангелите, протестен марш кој денеска се одржа во Скопје во сеќавање на 63-те млади луѓе кои загинаа во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.

настанот започна во 12:05 часот на плоштадот „Македонија“, по што учесниците се упатија кон парламентот, а маршот заврши  пред Основниот кривичен суд.

Во организација на граѓанските иницијативи „Кој е следен!“ и „16 Март 2025“, ова беше првиот ваков марш во главниот град, после 30 собири што секоја сабота родителите на загинатите ги организираа во Кочани, поддршката од јавноста беше се помала и беа оставени сами на себе.

Родителите изразуваат надеж за масовно учество и нагласуваат дека нивната борба нема да престане сè додека не се утврди целосна одговорност за трагедијата што ги одзеде животите на нивните деца.

Судењето за случајот со пожарот во ноќниот клуб „Пулс“, во кој загинаа 63 лица, а околу 200 беа повредени ќе почне на 19 ноември.

текст и видео: Орце Костов

Слични вести