„Боли индиферентноста на сите овие институции и на сите оние кои не излегоа тука со нас. Боли затоа што институциите заминаа на одмор веднаш по трагедијата а после тоа си влегоа во кампања“, порача на Маршот на ангелите, Анастасија Павловска од иницијативата „Кој е следен“.
Таа на кратко ја загуби свеста понесена од емоциите додека зборуваше, но родителите на загинатите не дозволија да падне и да се повреди.
„Боли тоа што некој дозволил да помисли и да каже дека ова ќе се заборави, боли затоа што некој бара да ја голтнеме оваа неправда како да е нормално.
Ова не е нормално и нема да го прифатиме. Секое одење во Кочани претставува одновно и одново раѓање на болката во градите гледајќи ги овие прекрасни родители што стојат тука пред нас.
Затоа сум јас тука, не поради политика туку поради совест, не поради идеологија туку поради човечност, поради љубов кон својата земја која заслкужува подобро. Овие родители заслужуваат подобро и затоа за правда нема да молиме, за правда ќе се бориме“, рече 23-годишната Павловска.

Над 4000 граѓани им се приклучија на родителите на загинатите деца на Маршот за ангелите, протестен марш кој денеска се одржа во Скопје во сеќавање на 63-те млади луѓе кои загинаа во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Настанот започна во 12:05 часот на плоштадот „Македонија“, по што учесниците се упатија кон парламентот, а маршот заврши пред Основниот кривичен суд.
Во организација на граѓанските иницијативи „Кој е следен!“ и „16 Март 2025“, ова беше првиот ваков марш во главниот град, после 30 собири што секоја сабота родителите на загинатите ги организираа во Кочани, поддршката од јавноста беше се помала и беа оставени сами на себе.
Родителите изразуваат надеж за масовно учество и нагласуваат дека нивната борба нема да престане сè додека не се утврди целосна одговорност за трагедијата што ги одзеде животите на нивните деца.
Судењето за случајот со пожарот во ноќниот клуб „Пулс“, во кој загинаа 63 лица, а околу 200 беа повредени ќе почне на 19 ноември.
текст и видео: Орце Костов