(ВИДЕО) Масовни редици пред „осмото чудо“ во светот

by irena 12:09
12:09

Големиот египетски музеј воведе нови мерки за регулирање на огромниот интерес на посетители кои во последните две недели доаѓаат да ја видат богатата колекција на древни египетски артефакти, по неговото официјално отворање.

Од овој викенд билетите може да се резервираат само за одредени термини, а од почетокот на декември посетителите задолжително ќе мора да ги купуваат онлајн пред пристигнување, соопшти Управата на музејот.

Музејот, лоциран во близина на пирамидите во Гиза, беше отворен на 1 ноември со раскошна церемонија на која присуствуваа десетици светски лидери и медиумски делегации. На настанот учествуваа околу 80 делегации, меѓу кои и 39 светски лидери, а од Балканот присутен беше  само хрватскиот претседател Зоран Милановиќ.

Според Управата, музејот дневно го посетуваат околу 19.000 луѓе кои доаѓаат да ги видат артефактите од гробницата на Тутанкамон и 42-метарскиот соларен брод на фараонот Кеопс. Бројките далеку ги надминале очекувањата на египетските власти.

Доколку сегашната динамика се задржи, Големиот египетски музеј би можел да стане еден од најпосетуваните музеи во светот. Минатата година поголем број посетители имаа само Лувр во Париз и Националниот музеј во Пекинг. Проектот вреден 1,2 милијарди долари се очекува да привлече до осум милиони посетители годишно – нова развојна шанса за египетскиот туризам.

„Се надеваме дека музејот ќе донесе ново златно доба на египтологијата и културниот туризам“, вели за ДПА водичот Ахмед Седик од Гиза.

Музејот се простира на околу 500.000 квадратни метри, еквивалент на површина од 70 фудбалски игралишта. Објектот е украсен со хиероглифи и алабастер, а пирамидалниот влез визуелно ја поврзува зградата со околниот пејзаж.

Во внатрешноста се издвојува 11-метарскиот кип на Рамзес II, покрај кој се наоѓа и 16-метарски висечки обелиск. Монументалното скалило е украсено со статуи на владетели низ милениумите, а горната етажа нуди впечатлив поглед кон пирамидите.

Плановите за музејот датираат од 1992 година, а изградбата започна во 2005. Изградбата на проектот забави поради настаните од  Арапската пролет, финансиските предизвици, пандемијата и регионалната нестабилност.

 

Слични вести