Антикорупциската комисија отвори предмет во согласност со нејзините ингеренции што и ги дава Законот за судир на интереси, а поврзан со прославата за 35 години од независноста на државата. Или, поточно, дали конкретното лице Николче Мицевски било и член на комисија што избирала и изведувач на самата прослава. Наша обврска е да испитаме како е дојдено до таква ситуација и каков конфликт е сторен, вели во видео-интервју за „Фокус“, претседателот на ДКСК Адем Чучуљ.
Тој е свесен дека целиот случај со Прославата е под широка лупа на јавноста, од каде има повик и до Антикорупциска, да спроведе потемелна истрага, особено поврзана со исплатите на надоместок за ангажманот на домашните и странските изведувачи кои и до денеска се непознаница. . Цениме,вели Чучуљ, дека има истражни надлежни органи кои го следат тој случај и доколку има простор за одредени незаконитости, верувам дека ќе отворат истрага во рамките на нивните надлежности. Доколку ДКСК дојде до какви било сознанија ќе ги провери, а ако има индиции дека е сторено кривично дело дефинитивно ќе го извести Обвинителството.
Во интервјуто, Чучуљ зборува и за тоа што друго прави Антикорупциската комисија, како и за соработката што ја има со другите институции, поконкретно дали во рамките на својата работа понекогаш наидуваат на затворени врати со што практично им се отежнува работењето.
Подготвиле:
Зоран Фиданоски и Орце Костов